42. ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 16 до 21 септември во Битола

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржи во скратено издание од 16 до 21 септември во Битола со мото „И покрај сѐ“, а во компетиција за „Камера 300“ ќе бидат десет филмски остварувања.

Програмата на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ е скратена поради намалениот буџет, но директорот Симеон Мони Дамевски посочува дека и оваа година ќе има гости на фестивалот, а ќе се одржат и носечките фестивалски сегменти. Во официјалната конкуренција ќе има десет долгометражни и исто толку краткометражни филмови. Ќе биде одржана и ревија на македонски документарни филмови насловена „Бисери на македонската документаристика“, кои ќе бидат прикажани на Македонската телевизија.

На самиот фестивал ќе биде присутен лауреатот на наградата за животен опус и добитник на наградата „Златна камера 300“, австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, а се очекува и присуство на Жоселин Пук, композиторка на музиката за филмови на Кјубрик и Скорсезе. Вториот награден лауреат е светски познатиот руски сценарист, режисер и продуцент Андреј Кончаловски, кој ќе се обрати со видеопорака.

– Фестивалот има за цел промовирање и популаризирање на македонската филмска култура и културно наследство во светот, како и во нашата земја. Ова е особено битно во момент кога македонската кинематографија се наоѓа во едно златно доба. Никогаш во историјата на нашата кинематографија не сме имале толку успешни проекти еден по друг во последните години. Затоа и значењето на фестивалот пред светот е големо и тој треба да се одржи – истакна Мони Дамевски на првата фестивалска прес-конференција што се одржа во Скопје.

Филмовите селектирани во програмата на годинашната компетиција „Камера 300“ нудат тематска, стилска и културна разновидност. „Се обидовме да вклучиме дела со висока естетика, дела кои ќе се обраќаат до широката публика, но и до оние гледачи кои претпочитаат артхаус филмови, дела кои имаат силен индивидуален авторски печат, како и дела за кои веруваме дека ќе имаат долготрајно влијание врз филмската индустрија, создадени како од препознатливи и искусни автори, така и од не толку познати, но многу талентирани филмаџии. Програмата се состои од десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на филмските фестивали во Берлин, Кан и Карлови Вари“, објасни селекторот на програмата Слаѓан Пенев.

Селектор на програмата за кратки филмови е Даријан Пејовски, ќе бидат прикажани десет остварувања, а меѓу нив е и македонскиот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска.

Годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) е Северџан Бајрам. Тој е филмски актер-натуршчик со интернационална кариера, а познат е по филмовите „Џипси меџик“ (1997) и „До балчак“ (2014) на Столе Попов; „Црна мачка, бел мачор“ (1998) и „На млечниот пат“ (2016) на Емир Кустурица; „Како убив светец“ (2004) на Теона Стругар Митевска; „Трето полувреме“ (2012) на Дарко Митревски.

Со наградата се оддава признание за исклучителен придонес за македонската кинематографија, наградата е воведена во 2013 година, а традиционално се доделува во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот