33. Поетска ноќ во Велестово: Поетска манифестација со срце и душа

Поетската ноќ во Велестово годинава ќе се одржи од 20 до 22 август на повеќе локации во село Велестово и во Охрид, ќе биде посветена на поезијата на Ристо Лазаров, а ќе биде поставена и ликовната изложба „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“.

Манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ создаде убава традиција секое лето мноштво љубители на поезијата да се искачат по тесниот и стрмен асфалтиран пат од Охрид кон селото Велестово, од каде што целото Охридско Езеро се гледа како на дланка. Сретсело е чешмата, а до неа е црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и тие се главната сценографија за поетските читања и беседи на кои учествувале најзначајните македонски поети. Во изминатите 32 години традицијата беше создавана без помпезности и црвени ќилими, а со многу срце и душа.

Првите години на манифестацијата беа посветени на македонските поети и поезија придружени со по еден ликовен автор. Во последниве десетина години сценариото беше интернационализирано со учество и на странски поети. Пандемијата на коронавирусот овие две години ја спречи експанзијата на програмската рамка на манифестацијата, но не го погази поетскиот збор.

Годинава, во рамките на 33. издание на Поетската ноќ во Велестово, на 20 август посвета ќе биде дадена на поетското дело на Ристо Лазаров, беседа ќе одржи проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите ќе ги интерпретира актерот Јован Цветкоски. Претходно, свој настап ќе има гитаристот Мартин Милески од Охрид, а програмата ќе ја води Марина Димовска. Во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово, истата вечер, ќе биде отворена и изложбата „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ на академските уметници Славко Упевче и Никола Упевче од Охрид. Тоа ќе биде изложба со која се прославува 30-годишнината од отворањето на нивното ателје во Охрид.

Лого на Поетската ноќ во Велестово, чиј автор е Славко Упевче, овој пат изработено како мозаик од Никола Упевче

На 21 август во кафе-барот „Шила“ во Охрид планирано е да се одржи интернационалното поетско читање, на кое со видеопроекција ќе се претстават Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, а во зависност од ковид-ситуацијата се планира и присуство на Надија Реброња од Србија и на македонскиот поет Андреј Ал-Асади.

Третото поетско читање ќе биде со наслов „Поезија Залез“ и годинава би требало да се одржи на кајчиња во Охридското Езеро, но доколку временските околности или други околности не дозволуваат, читањето ќе се одржи на алтернативна локација во селото Велестово. За тој настан е планиран настапот на Надија Реброња (Србија), како и на домашните поети Долорес Атанасова – Лори, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална банка.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 93, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 август 2021)

Видео на денот