20 години од Солунскиот самит, 20 години соништа и надежи за Западен Балкан

Претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар, премиерот Роберт Голоб и министерката за надворешни и европски работи Тања Фајон на 20-годишнината од Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Солун излегоа со заедничка изјава за овој, како што го нарекуваат историски настан на кој Унијата и потоа пристапните и потенцијалните земји-кандидати од Западен Балкан се обврзаа една на друга.

„ЕУ се обврза на европската перспектива на Западен Балкан, додека државите од регионот ги поддржаа заедничките вредности на демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите и малцинските права, солидарноста и пазарната економија. Заклучоците од самитот остануваат трајно ветување за сите нас – ЕУ и нејзините земји-членки, вклучително и Словенија, како и Западен Балкан. Словенија го цени самитот бидејќи даде надеж за стабилизација на регионот по години војни, политичка нестабилност и економска стагнација што следеше по распадот на Југославија. Го започна сонот за европска иднина кој води до позитивни промени: зголемен просперитет, подобрена поврзаност и зајакнати врски меѓу луѓето“, пишува во заедничката изјава.

Тројцата највисоки словенечки функционери оценуваат дека е постигнато многу преку меѓусебната соработка во последните дваесет години. На Западен Балкан велат преовладува општа стабилност. Земјите ги уживаат придобивките од безвизниот режим, а регионот, во кој ЕУ е убедливо најголем донатор и инвеститор, постигна економски напредок. ЕУ и Западен Балкан природно гравитираат еден кон друг.

„Словенија е цврст поддржувач на процесот на проширување на Европска Унија. На нашите партнери од Западен Балкан им помогнавме, пружајќи им ја нашата политичка и практична поддршка. На секој можен начин им помага на процесите поврзани со проширувањето. Ова е долгорочна политика на Словенија, која нема да се промени“, се додава во изјавата.

Истовремено се напоменува дека и на двете страни се пропуштени многу можности, а почетниот ентузијазам за реформи во Западен Балкан се чини дека делумно испари во текот на двете децении.

„Затоа, во моментов, светлината на крајот од тунелот кон членството во ЕУ изгледа подалеку отколку што се надевавме дека ќе биде. Во исто време, ЕУ се справува со сопствените предизвици, при што проширувањето не е секогаш приоритет. Всушност, Европската унија сега мора да се справи со последиците од војната во Украина, бараше ново општо размислување за пристапот кон процесот на проширување. Сметаме, дека е јасно, дека процесот на проширување во основа е стратешки избор, а не само техничка задача. Во секој случај, натамошното проширување мора да ја следи основната визија на процесот на европска интеграција, која се заснова на солидарноста и вистинските достигнувања на земјите кандидати. Потребни се храбри политички одлуки“, велат словенечките политичари.

Тие имаат и јасни пораки до регионот, до Европа и до светот. Прво, порачуваат дека ЕУ е објективно многу добар избор за регионот, но земјите од Западен Балкан сами одлучуваат за својата иднина. Второ, Словенија нема себични интереси во регионот, односно нивната политика е водена од солидарноста кон земјите и луѓето од Западен Балкан. Словенија, како што додаваат, го сака она што го сака народот: стабилност и безбедност како предуслов за просперитет и економски напредок.

„Земјите од Западен Балкан кои се стремат да пристапат во ЕУ, сега, но и во иднина можат да сметаат на Словенија“, порачуваат словенечката претседателка, премиерот и министерката за надворешни и европски работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот