Ѝ ги посвети најубавите стихови: Љубовната приказна на Ѓорѓе и Оливера Балашевиќ

Instagram
Оливера и Ѓорѓе Балашевиќ / Фото: Инстаграм

Љубовните песни на Ѓорѓе Балашевиќ со децении важат за едни од најубавите. Но, дефинитивно, најпрекрасната приказна која ни ја раскажа преку неговата музика беше онаа со неговата сакана сопруга Оливера.

Љубовната приказна на Ѓорѓе и Оливера, која многумина ја доживуваат како филмска, започнала уште во седумдесеттите години на минатиот век. Тогаш таа сѐ уште била студентка, а тој веќе бил дел од музичката сцена во Југославија.

Тие се запознале за време на една телевизиска емисија, во која Оливера гостувала како успешна гимнастичарка, а Ѓорѓе како млад музичар со репутација на „лошо момче“. Во своите подоцнежни интервјуа, Ѓорѓе изјавил дека уште од првиот момент сакал да ја побара за жена и да основа семејство со неа. И, навистина, тие не се одделиле од првиот момент на запознавањето, па сѐ до крајот на неговиот живот, пишува „Стори“.


„Провинцијалка“ е една од првите песни кои Ѓорѓе ѝ ги посветил на Оливера.

„Тој тврди дека песната е поврзана со оваа соба. Јас знам дека седев на оваа маса, ги читав белешките од предавања и гледав низ прозорецот, чекајќи го да се појави од некаде. Тогаш немаше мобилни телефони, па Ѓоле ми свиркаше под прозорецот. Тој свиреж го користи и ден-денес кога ќе се изгубиме во некој трговски центар или за време на некое патување во друг град. Кога ќе го слушнев тој свиреж, јас бргу истрчував низ ходникот за да го видам. Па, таа песна е на еден многу убав начин раскажана“, изјави Оливера своевремено.

Интересна е и приказната за тоа како тој ја запросил, без многу подготовка и помпезни зборови. Една година отишол на летување во Умаг, Хрватска каде што сфатил дека Оливера му недостига. Ѝ се јавил од рецепцијата на хотелот каде што престојувал и ја прашал дали сака да се омажи за него.

Ѓорѓе и Оливера стапиле во брак во 1981 година, меѓутоа не направиле голема свадбена церемонија бидејќи, една година претходно, починала мајката на пејачот и тој сѐ уште бил во тага поради тоа. Тогаш веќе ја имале првата ќерка, Јована.

„Доцневме на нашата свадба. Јована веќе беше родена кога се венчавме. Јас сакав да бидам облечена во бел фустан поради фотографиите, мислам дека тоа е сон на секоја девојка, а Ѓоле беше понепосреден – беше облечен во фармерки, елек и патики, а стави и беџ – Мапети. Зошто да не? Па, тоа е тој, јас не би се согласила на ништо друго“, рече таа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @balkanskim.sokakom


Оливера додала и дека имала голема трема, а Ѓорѓе и во тие моменти се шегувал.

„Јас имав ужасна трема, а Ѓорѓе раскажуваше шеги дури и на својата свадба. Кога пристигнавме во матичното, нѐ пречекаа матичарот и неговата асистентка со ленти на нив, а Ѓоле прокоментира: ‘Охо, види, Мис и прва придружничка’. Кога матичарот нѐ праша дали имаме нешто да пријавиме, тој му ги подаде клучевите од автомобилот и му рече дека нешто не е во ред со лер-гасот“, раскажа Оливера.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @estradni.arhiv

По Јована, добиле уште една ќерка – Јелена, а потоа и синот Алекса.

Во 1998 година, семејството Балашевиќ поминало низ многу тажен период. Нивната ќерка Јелена доживеала тешка сообраќајна несреќа во која била многу повредена. Иако првичните прогнози на лекарите не биле добри, Јелена успеала да преживее и да ја напушти болницата „на сопствени нозе“.

„Никој не може да ве подготви на такви нешто. Во првите три дена, Јелена немаше никакви шанси да преживее. Тоа е такво искушение, кое ве оштетува, дезориентира и ‘меле’ дури и по четири години, колку што траеше нејзиното опоравување и нашата максимална грижа за неа и обидот да не ѝ ја нарушиме нејзината психа“, раскажала Оливера во една прилика.

 

Ѓорѓе Балашевиќ ѝ посвети многу песни на неговата сакана Оливера, но највпечатливата е онаа која го носи нејзинот име – „Оливера“. Оваа песна се најде на албумот „Дневник старог момка“ (2001), кој содржи дванаесет песни и секоја од нив за наслов носи женско име. Инаку, со комбинација на почетните букви на сите песни од албумот се добива „Оља је најбоља“ („Оља е најдобра“).

Непребол за „панонскиот морнар“: Две години од смртта на Ѓорѓе Балашевиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот