Непребол за „панонскиот морнар“: Три години од смртта на Ѓорѓе Балашевиќ

Ѓорѓе Балашевиќ
Ѓорѓе Балашевиќ / Фото: Фејсбук/Ѓорѓе Балашевиќ

Денеска се навршуваат три години од смртта на легендарниот српски пејач и кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ. „Панонскиот морнар“, како што се нарекуваше самиот, беше еден од најдрагите регионални музичари, човек кој го сакаа сите – од Вардар до Триглав.

Тој зад себе остави завиден музички опус, песни кои засекогаш ќе останат во срцата на сите оние кои растеа и живееа со неговата музика.

Сосема ненаметливо, а впечатливо, Балашевиќ ни ги раскажа приказните за Васа Ладачки, за некои нови „клинци“, за еден мисловен рингишпил, за еден тажен јануари, за девојката со „чардаш“ нозе и така натаму. Нѐ потсети на ужасот и болката да се живее среде војна преку песната „Човек са месецом у очима“, ги расплака сите оние кои имаат неостварени љубови со „Јесен стиже Дуњо моја“, но и ни ја подари најубавата љубовна песна „Оливера“, посветена на неговата сакана сопруга.

Детските денови

Ѓорѓе Балашевиќ е роден во Нови Сад, во семејството на Јован и Вероника Балашевиќ. Тој го поминал детството во Нови Сад, во куќа на улицата „Јован Цвииќ“.

Почнал да се занимава со музика уште во основно училиште. Го напуштил средното училиште во трета година затоа што, како што самиот кажал, ги мразел предметите математика, физика и хемија. Сепак, успеал вонредно да го заврши средното училиште, а потоа и да го положи приемниот испит и да се запише на студии по географија. Балашевиќ никогаш не успеал да дипломира, но животот имал подобри планови за него – тој станал дел од музичката група „Жетва“ во 1977 година.

„Жетва“ и „Рани мраз“

Откако станал дел од музичката група „Жетва“, тие го издале првиот сингл „У раздељак те љубим“. Песната била продадена во 180.000 примероци, нешто што во тоа време претставувало голем успех.

Следната година ја напуштил групата „Жетва“ и ја формирал групата „Рани мраз“ заедно со Верица Тодоровиќ. Таа година настапиле на фестивалот „Опатија“ со песната „Моја прва љубав“.

Потоа, во групата им се придружиле и поранешните членови на групата „Сунцокрети“, Биљана Крстиќ и Бора Ѓоргевиќ, актуелниот пејач на групата „Рибља чорба“. Нивната песна „Рачунајте на нас“ станала многу популарна и, на некој начин, претставувала химна на генерацијата.

Во 1979 година, Балашевиќ ја освоил првата награда со песната „Панонски морнар“ на Сплитскиот музички фестивал. Во текот на 1980 година, тој го отслужувал воениот рок во Загреб и Пожеревац, каде учествувал во снимањето на телевизиската серија „Војници“. При крајот на годината, бил објавен музичкиот албум „Одлази циркус“, инаку последниот албум на групата „Рани мраз“.

Солистичка кариера

На почетокот од 1982 година, со издавањето на албумот „Пуб“, Балашевиќ ја започнал својата солистичка кариера. Следната година, тој го одржал својот прв солистички концерт во Белград. Насловната нумера од албумот „Целовечерњи The Kid“, издаден во 1983 година, е снимена на англиски јазик и е инспирирана од мексиканскиот фолклор. Во април 1984 го издал својот трет солистички албум „003“.

Балашевиќ сметал дека со неговиот четврти студиски албум „Бездан“ започнал најплодниот дел од неговото творештво. Следниот албум „Панта реи“ добил исклучително лоши критики кои, веројатно, се последица на тешкиот период кој авторот го имал во приватниот живот.

Неговиот следен албум „Три послератна друга“ е снимен во 1989 година. Овој албум носи поднаслов поднаслов „Музика из истоименог романа”, кој Балашевиќ го објавил во 1989 година. Овој албум бил добро прифатен како од публиката, така и од критиката. На овој албум се наоѓа и песната „Д-мол“ – една од неговите најубави балади. Во периодот кога започнала војната во Југославија издаден е албумот „Марим ја“… Овој албум е запамтен по исклучително добрите текстови и носталгични ноти.

Во 1993 година, Балашевиќ го снимил албумот „Један од оних живота“. Албумот излегол во периодот на војната и економската криза во Југославија. Во тие години, Балашевиќ изнесувал јасни критики против постојниот режим.

По нешто подолга пауза, во 1996 година, го објавил албумот „На послетку“. Песните на овој албум се снимени претежно со акустични инструменти. Од инструменти користени се фагот, обоа, труба и виолина, кои на убав начин ја пренсуваат атмосферата на песните на Балашевиќ.

Балашевиќ го објавил неговиот втор роман „Један од оних живота“ во 1997 година. Содржината на романот ги следи содржините на неговиот претпоследен албум. Романот добива исклучително добри критики. Во 2000 година, Балашевиќ го објавил политичкиот албум „Деведесете“. Во овој албум, тој јавно ги осудува настаните од претходната деценија.

Љубовните песни кои не се присутни во претходниот албум во потполност го исполнуваат албумот „Дневник старог момка“, кој го објавува на крајот на 2001 година. Овој албум содржи дванаесет песни и секоја од нив за наслов носи женско име. Овој албум ѝ е посветен на негова сопруга Оливера Балашевиќ, со која ги доби трите деца – Јована, Јелена и Алекса. Инаку, со комбинација на почетните букви на сите песни од албумот се добива „Оља је најбоља“.

Последен поздрав

Балашевиќ почина на денешен ден во 2021 година, како последица од коронавирусот, оставајќи ги во непребол неговите бројни обожаватели ширум поранешна Југославија.

Па така, во неговиот роден Нови Сад беа запалени свеќи во центарот на градот. Во Загреб, покрај запалените свеќи, беше испишано „беќарец“ со кирилично писмо поради стиховите од неговата песна „Стих на асфалту“ – „Ех, да можам да поминам низ ул. ‘Илица’ (во Загреб) уште еднаш, па да напишам ‘беќарец’ на кирилица“. Во хрватскиот град Пула, му беше оддадена почит со палење свеќи на Железничката станица, бидејќи токму тука ја чекаше својата фиктивна Катрин во песната „Опрости ми Катрин“.

Во негова чест, зградата на Собранието на Босна и Херцеговина во Сараево беше осветлена. На влезот во црногорскиот град Цетиње беше поставен плакат со натпис „На најубавата песна што му ја испеавте на нашиот град, последен поздрав до панонскиот морнар“.

Еден ден по смртта на Балашевиќ, македонските обожаватели се собраа пред платото на Универзалната сала, каде тој ги одржа најубавите концерти пред македонската публика. Тука тие му запалија свеќи и ги слушаа неговите песни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот