Иванов со Медал за заслуги ги одликуваше македонистите Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер

Фото: МИА

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги одликуваше со Медал за заслуги за Македонија истакнатите научни работници, лингвисти и македонисти, Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер, соопшти претседателскиот кабинет.

Волф Ошлис, професор, автор и преведувач на повеќе дела од врвни македонски автори е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Германија, како и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.

Виктор Фридман, еден од најпознатите и најактивните лингвисти со македонистичка ориентација, е одликуван за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.

Американскиот лингвист, Кристина Крамер е одликувана за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и Канада, како и за унапредување на пријателските односи меѓу земјава и двете држави.
Претседателот Иванов рече дека му претставува чест и должност што ги одликува овие истакнати македонисти со Медал за заслуги за Македонија, како израз на благодарност за сето она што тие го направиле и што допрва ќе го прават за македонскиот јазик.

–Професорите Ошлис, Фридман и Крамер со децении пишуваат книги и научни статии, ги збогатуваат европските и светските лингвистички енциклопедии со одредници за македонскиот јазик. Низ децениите имало меѓународни славистички и балканистички конференции на кои тие биле можеби единствени бранители на вистината за македонскиот јазик. Борејќи се за македонскиот јазик тие се борат за душата на македонскиот народ. И тоа го прават со силата на аргументите, без ниту еден миг да застранат од научната објективност и професионалната непристрасност, рече претседателот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот