Зошто некои лица кои прележале ковид-19 не можат да јадат кромид?

Многу луѓе кои се заразиле со коронавирус, привремено го губат сетилото за вкус и мирис. Додека закрепнуваат, обично им се враќаат сетилата, но некои откриваат дека намирниците потоа имаат поинаков мирис, но и вкус.

Симптомите на ковид-19 можат да бидат различни – од главоболка, дигестивни проблеми па сè до замор. Меѓутоа, губењето на сетилата за вкус или мирис е еден од симптомите карактеристичен за ковид-19, а според мета-анализата спроведена од клиниката „Mејо“, од 8.438 пациенти заболени од коронавирус, 41 отсто ги изгубиле сетилата за вкус и мирис. Кај повеќето заболени, сетилата се враќаат откако ќе ја прележат болеста, но кај некои тие сетила се менуваат, односно некои намирници повеќе го немаат вкусот што го имале пред болеста.

Според новиот извештај што го објави „Итер“, во група од пет лица кои прележале коронавирус, тројца изјавиле дека со месеци по болеста, кромидот бил вид на храна што се истакнувала како особено невкусна. Еден од пациентите што прележал ковид-19 рекол дека кромидот имал „ужасен вкус“, друг навел дека му бил „одбивен“, а третиот пациент истакнал дека мирисот на кромид „многу му пречел и дека имал мирис на гнило“.

Тоа не е единствената промена што се случувала кај лицата заразени со коронавирус. Едно лице кое прележало ковид рекло за Би-би-си дека по болеста месото му имало вкус на бензин, а друга личност изјавила дека виното имало вкус на масло.

Губењето на сетилата за мирис и вкус е еден од симптомите кои подолго време се задржуваат кај заразените лица, а освен него постојат уште некои симптоми карактеристични за „продолжен ковид“. Некои од нив се вртоглавица, проблеми со помнењето, тегоби, немир, вознемиреност, тешкотии со спиењето, главоболка, лоша концентрација, краток здив, проблеми со дишењето и замор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот