Знаете ли зошто УЕФА го нарече Пандев „центурион“ и го вброи меѓу десетте најдобри на „Евро 2020“
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев е во друштво на звучни имиња на ветерани на „Евро 2020“ и е меѓу најискусните играчи на првенството, иако дебитираше на некое големо натпреварување на ФИФА или УЕФА во својата 37. година.
„Центуриони“, односни римски легионери ги нарекува УЕФА фудбалерите со најмногу настапи за репрезентацијата што учествуваат на ова Европско првенство.
Пандев го дели деветтото место со Роберт Левандовски на таа листа со 121. настап досега. Дали ќе настапи и утре ќе го закачи националниот дрес на ѕидот на спомените по 122 одиграни натпревари во дводецениската репрезентативна кариера, или ќе продолжи да настапува по молбата на Елиф Елмас до „бате Горан“ да продолжи да игра и во квалификациите за СП 2022, ќе знаеме наскоро.
Ако се суди според вкупно истрчаните километри на двете средби – 19,9 километри (втор во македонскиот тим, заедно со Стефан Ристовски, прв е Елмас со 21,1 км), ако цениме според начинот како ги одигра 90+ минутите на двете средби на ЕП (еден од двајцата најдобри поединци досега во нашиот тим), ако се знае дека вториот меч против Украина го играл со помош на терапија од инјекции поради повредата на глуждот, Пандев може и треба, но секако не мора уште да ги брани националните бои. Едно е сигурно – уште долго ќе остане најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација со 38 постигнати гола.
Еве ја листата на играчи со најмногу репрезентативни настапи што се дел од ова ЕП;
1. Кристијану Роналду – 177 настапи за Португалија,
2. Лука Модриќ (Хрватска) – 139,
3. Жоау Мутињу (Португалија) – 133,
4. Себастијан Ларсон (Шведска) – 131,
5. Јан Фертонген (Белгија) – 128,
6. Марек Хамшик (Словачка) – 128,
7. Иго Љорис (Франција) – 127,
8. Серџо Бускетс (Шпанија) – 122,
9-10. Роберт Левандовски (Полска), Горан Пандев (Македонија) – 121 настап.