Злоупотребата на моќта ги урниса новинарството и медиумите!

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

Не случајно новинарството и медиумите во јавноста се наречени „седма сила“, секако, во позитивна смисла. Тие поседуваат реална моќ не само да информираат, туку и да креираат јавно мислење, да се борат за вистината, за демократијата, да откриваат незаконитости и криминал, да бидат некој вид совест на општеството, да ги поддржуваат позитивните процеси, да истражуваат, да ги пресретнуваат, посочуваат и жигосуваат ретроградните настани и состојби.

Со текот на времето, колку што новинарите имаат на располагање сè пософистицирани инструменти и алатки за изразување, особено со интернетот и најновите електронски и социјални медиуми, толку нивната моќ расте речиси до неограничени размери. За жал, на таа релација се случува еден обратнопропорционален негативен процес: колку што расте моќта на медиумите и новинарите, толку расте и можноста за злоупотреби на таа моќ! Акцентот на оваа моја анализа е ставен токму на овој, негативниот сегмент, кој како тренд, последнава декада, масовно се практикува.

Дел од медиумите и „новинарите“ – нечиста совест на општеството!

 

Токму таа моќ, особено во земјите како нашата – со недоволно развиена демократија и со постојани проблеми со владеењето на правото и особено во услови на долгогодишен авторитарен режим што ја зароби државата и претвори поголем дел од медиумите во свои измеќари и гласноговорници, но и сега, во периодот на реконвалесценција, моќта на медиумите се злоупотребува во сфери надвор од нивната основна функција, што е уште пострашно – и надвор од законите! Наместо зад вистината, професионалната етика и општествениот интерес, за жал, голем дел од медиумите во земјава застанаа зад тесните и личните интереси на некои партии и функционери, богати бизнисмени и особено зад личните интереси на нивните сопственици и уредници. Деновиве во една рецензија на книга прочитав интересна мисла на филозофот Ферид Мухиќ: „Моќта е невидливо злато, златото е видлива моќ“! Оваа мисла беше искажана во друг контекст, но одговара и во овој.

Со релативно малку чесни исклучоци, последниве години, за време на авторитарниот режим на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, па до ден-денес, медиумите и новинарите наместо совест на општеството, трагачи по вистината и откривачи и жигосувачи на негативните појави и лагите, станаа нечиста совест на општеството, заштитници на злоупотребите на власта и другите моќници, а многу од нив ја злоупотребија моќта на медиумите и на професијата за валкани политички игри, местенки, лажни вести и дискредитации на луѓе само поради различни политички опции, бизнис-интереси и лични анимозитети.

Македонија, освен во првата декада на плурализмот кога врвни новинари формираа весници и неделници, од што произлегоа неколку исклучително успешни „приказни“ според квалитетот и тиражите („Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Граѓански“…), ја немаше таа среќа овие медиуми да опстанат на првичните концепти и сопственички структури, а на крајот и воопшто како медиуми. Во нив влегоа најразличен сој „газди“, на кои не им беа примарен фокус медиумите, туку медиумите ги користеа како моќен инструмент за заштита на своите бизнис и лични интереси, за општествено етаблирање и за остварување политичко/интересовни релации со власта. Други, пак, со помош на своите медиуми преку ноќ стекнаа огромна општествена моќ, изградија бизнис империи и натрупаа големи богатства.

Системски проблеми

 

Зарем некој ќе го есапеше еден од обвинетите во актуелната афера што ја тресе земјата, ако на неговата „визит карта“ не фигурираше името и моќта на респектабилна ТВ, слично како и друг бизнисмен што веќе е во затвор, па трет што настрада токму поради својата ТВ и весници, во моментот кога ја прекина соработката и ѝ се спротивстави на тогашната авторитарна власт? За неколкумина бизнисмени што си имаат свои телевизии и весник и кои беа со сите власти, а сега се коалициски партнери или поддржувачи на поранешната владејачка партија – да не зборуваме. Да не зборуваме ни за последните газди на „МПМ“, кои откако ги искористија моќните медиуми за своја заштита и имиџ додека трупаа богатства, за потоа да ги згаснат, оставајќи на улица стотина новинари и други вработени.

Да не зборуваме за десетиците милиони евра што ваквите медиуми ги ќарија преку реклами и најразлични субвенции од поранешниот авторитарен режим за своето криминално измеќарство што се сведуваше на „пеење оди за власта и лидерот“ од една страна, а од друга креирајќи лажни вести, директни преноси од апсења на невини луѓе во монтираните политички процеси, постојана дискредитацијата и обвинувања за предавства на тогашната опозиција и слично. Да не зборуваме за цела низа уредници што искористувајќи ја моќта на медиумите, поврзани со поранешната режимска власт, добија повластен општествен статус и привилегии, станаа бизнисмени, добиваа наместени милионски тендери, затајуваа даноци и направија големи злоупотреби и криминали поради кои беа осудени или се наоѓаат во судски процеси. Да не зборуваме за галеријата „суетни“ новинари кои сакаат да бидат и влијателни „општествено политички работници“ и власт, и опозиција и совест на општеството, и нив лично да ги примаат и да им поднесуваат рапорти и оставки премиери, министри …

До ваквите состојби не се дојде случајно. Македонија уште од самото осамостојување како држава се судира со неколку системски проблеми: слабо развиена демократија, проблеми со владеење на правото, недоволно функционални институции, поделено општество по најразлични линии, а сето тоа, како погодни предуслови влијаеше една неодговорна партија на власт и нејзиниот авторитарен лидер, за на крајот да ја доведат до стадиум на „заробена држава“ во која царуваа политичкиот организиран криминал и богатење на партијата и на нејзината елита. Во вакви услови беа инаугурирани неколку несвојствени однесувања кои се незамисливи во демократски развиените држави. Затоа и довербата на јавноста во медиумите и новинарството е падната на најниски гранки.

Новинарите не се над законите

 

Поради масовното практикување, клиентелизмот од изолиран начин на однесување доби димензии на своевидна политичка „култура“. За огромните димензии на овој феномен, доказ е фактот што клиентелизмот, особено во последната декада, е појава што како вирус ги има зафатено сите слоеви во општеството – од индивидуите, фирмите, па и невладините, медиумите… – до правосудството и институциите. Тие наместо кон основниот принцип – владеење на правото – како сончогледи се свртеа кон владеењето на политиката, партиите и политичките елити. И уште нешто, исто толку страшно и штетно. Во земјава, по долги години практикување селективна правда, односно неказнивост и амнестија на моќните од власта за политички и за класичен организиран криминал од највисок интензитет – во тек е можеби најголемиот општествен судир кај нас. Судирот е на релација: дали ќе се инаугурира неказнивоста како систем што се заканува да стане култура/однесување (за што со најразлични методи и уцени се залага актуелната опозиција, на неа блиските медиуми и мал дел од јавноста) или ќе завладее правото и секој што ги прекршил законите ќе одговара за стореното дело (зад што стои мнозинството на правдољубивата и слободарската јавност).

Токму поради клиентелизмот и неказнивоста, во услови на проблеми со демократијата, селективното владеење на правото и особено на авторитарен режим и заробена држава, во изминатата декада злоупотребата на моќта на медиумите беше максимално користена од партиите на власт, од сопствениците на медиумите и од нивните уредници и влијателни новинари. За жал, оваа состојба, и покрај смената на власта, делумното ослободување на државата и сè понормалното функционирање на правната држава и владеење на правото, продолжува и натаму преку лажни вести и лични дисквалификации од намножените медиумски инсталации на претходниот режим, финансирани од странски и од домашни моќници.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез, во изјава за МИА, во врска со најави за тужби од членови на Владата кон портали, потенцираше дека новинарите не се над законите: „Иако практиката на здруженијата на новинари во европските земји е да препорачуваат да се избегнуваат тужби кон медиуми и новинари, тоа не значи дека секогаш треба да се застане во одбрана на новинарите кои се огрешиле пред законот. Кога еден новинар постапува надвор од законот, ние како здруженија, пред да реагираме гледаме дали тоа тој го сторил во интерес на јавноста или дали е тоа злонамерно, со цел да се оцрни некој, дали е чиста лага, или навистина е повисока јавна цел“. Тоа треба да го прифатат и нашите новинарски здруженија и асоцијации и похрабро и попрофесионално да ги разграничуваат работите. Бидејќи еснафот најдобро знае што е слобода на говор, а што злоупотреба на говорот и на медиумите.

Поради сево ова, би требало сериозно да се размисли за евентуално инкриминирање на ново дело точно за злоупотребата на моќта на медиумите, бидејќи во сегашните законски решенија, иако има елементи на трговија со влијание, злоупотреба да службената положба и слично, сепак има нешто специфично, бидејќи станува збор за кривични дела што најчесто се кријат зад превезот на слободата на говор и на општествениот интерес?!

За каква слобода на говор и посебен општествен интерес станува збор кога некој моќта на медиумот ја инструментализирал за да му нанесе штета некому без никакви докази или, пак, таа моќ ја искористила нему блиска фирма за да добие милионски тендер или други бенефиции од власта; потоа да биде ослободен од кривично гонење, да изгради куќи без дозволи и градежна документација, да затаи даноци, да испере пари, да рекетира, нелегално да дојде во посед и јавно да публикува класифицирани документи од истраги, да пласира лажни вести, да создава лажна перцепција за политичката партија што го плаќа со лажни и измислени анкети, изјави, за каква слобода на говор станува збор кога партијата беше уредник на вести, ексклузивни стории за апсења на политичките противници и неистомисленици, за политички организиран криминал, за фингирани конфликти, распалување на меѓунационалните и меѓуконфесионалните односи пред избори со кои се загрозуваше безбедноста на државата, на каква слобода на говор може да се сведе „спружувањето“ на насловни страници на неистомисленици, влегувањето во интимниот живот на поединци со цел да им ги уништува бизнисите, професионалниот и личниот интегритет и уште еден мал милион слични дејства што се косат со словото на законите.

Новинарите и медиумите, како и сите други, не се над законите и не треба само затоа што се новинари или медиуми да бидат заштитени кога се фатени во вршење криминални дејства од најразличен вид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот