Златна треска го тресе Балканот: Копачите мируваат, Македонија не е Елдорадо
Што се однесува до нашата земја, располагаме со мали количества на злато, а преработката е скапа. Битно е и дека нашето злато е полупроизвод, кој се доработува во Бугарија, вели за „Слободен печат“, Николајчо Николов, поранешен директор на Бучим
Македонија располага со мали златни потенцијали и тие се врзани за преработката на бакарната руда, дециден е Николајчо Николов, поранешен директор на рудникот Бучим. Коментирајќи ги последните информации за своевидната златна треска во Србија, БиХ и Бугарија, тој за „Слободен печат“ вели дека се потребни време и многу средства за добивање на вистински количества на злато, но ваквите информации убаво звучат во време кога расте цената на златото на светските берзи.
Препорачано
Последниве месец дена српските медиуми објавија дека по најновите откритија како она во Чукару Пеки, во Србија има резерви од 500 тони злато во руда. Деновиве медиумите пак соопштија дека во северозападна БиХ се најдени златни наслаги со висока концентрација и сега следуваат анализи за да се потврди исплатиливоста на овие наоѓалишта. Бугарските медиуми пак нотираа дека кaнaдcĸaтa ĸoмпaнија Ст. Чарлс Ресурсис постигната конечен договор за проучување на потенцијални наоѓалишта на злато во Јужна Бугарија кај Кител и Коктил, во близина на Грција.
-Очигледно е дека златната треска го тресе Балканот, но што се однесува до нашата земја, ние не спаѓаме во тој домен, бидејќи имаме мали количества на злато, а преработката е скапа. Она што е многу битно е и податокот дека нашето злато е полупроизвод, кој се доработува во Бугарија. Златните жили најчесто се врзани за бакарот, а за да се отвори еден нов рудник се потребни најмалку 500 милиони долари. Не треба да се прави сензација, но секако дека тоа се добри вести на пример за Србија, чие што злато е готов производ, бидејќи целиот процес од копање до преработка се одвива во рудникот Бор – објаснува Николов.
Последните информации за новооткриени наоѓалишта на злато во Македонија датираат од 2015 година, кога меѓународната компанија за минерални истражувања „Резервоар Минералс” откри два нови потенцијали на злато во локалитетите Коњско и во Двориште. Според тогашните објави наоѓалиштето на златна руда, арсен и антимон Коњско се наоѓа на 20 километри оддалеченост од рудникот Алшар и досега не било истражувано, а не постојат докази за претходни бушотини. Срушените окна укажувале дека наоѓалиштето било експлоатирано уште во античкиот период. Се претпоставуваше и дека во локалитетот Двориште има резерви со бакарно-златна руда.
Инаку во единствениот македонски рудник за бакар и злато Бучим во Радовиш, годишно се произведуваа од 400 до 900 килограми злато. Во овој рудник се произведуваше бакарен концентрат кој содржи бакар и злато, но кој се носеше на понатмошна преработка во Бугарија. Геолозите кои бараат златоносни руди, проценуваа дека во рудникот Алшар и Кожувскиот појас, со дури поголеми количини на руда и од Иловица и од Бучим.
Во 2021 година, официјално почна да работи новото рудно тело со бакар „Боров дол“, откако престана површинскиот иско на „Бучим“. Содржината на бакар изнесува 0,235 проценти и 0,23 грама злато во тон сирова руда.
Од ноември до денес цената на златото на светките берзи порасна за 19 проценти.


