Златко Далиќ предупредува: Хрватскиот фудбал е во проблеми
Со години Хрватска е во самиот врв на светскиот фудбал, а златната ера на репрезентацијата се совпадна со доаѓањето на Златко Далиќ на селекторската функција.
Препорачано
Тренерот роден во Ливно веќе повеќе од осум години ја води хрватската репрезентација, период во кој Хрватска играше финале на Светското првенство во Русија, беше трета на Мундијалот во Катар, настапи во осминафиналето на Европското првенство, играше финале во Лигата на нации и се пласираше на сите големи натпреварувања. Во тој период ги победуваше Бразил, Аргентина, Франција, Англија и без проблеми обезбеди пласман и на СП 2026, каде повторно ќе биде еден од „тивките“ фаворити.
И токму кога сè изгледа одилично, Далиќ реши јавно да предупреди на проблемите што доаѓаат.
„Ситуацијата не е добра, во проблеми сме. Помладите играчи сè уште се бараат, не се наметнаа и не покажаа дека имаат место во репрезентацијата. Немаме вистинско решение во нападот. Будимир е најквалитетен, но и најстар. Ни треба вистински, моќен, брз напаѓач кој може да направи разлика. За жал, го немаме“, изјави Далиќ за хрватските медиуми.
Дополнително го загрижува и статусот на репрезентативците во нивните клубови.
„Немаме голем избор на играчи. Во овие осум години откако сум селектор, ситуацијата сега е најнеизвесна. Порано пред големите турнири знаевме 85 или 90 отсто од составот, а сега тоа не е случај. Имаме многу играчи кои не играат редовно во клубовите и сакам тоа да се промени. Се надевам дека во следните шест месеци ќе имаат подобар статус. Само мал број се стандарден избор и тоа се претежно постари фудбалери. Оние што треба да бидат носители – ги нема“, додаде Далиќ.
Иако е загрижен, Хрватска и досега успешно се справуваше со смената на генерации. По СП во Русија се повлекоа Марио Манџукиќ, Ведран Чорлука и голманот Даниел Субашиќ, а подоцна и Иван Ракитиќ. Мундијалот во Катар беше последен за Дејан Ловрен, а Европското првенство во Германија за Марсело Брозовиќ и Домагој Вида. Од ветераните сè уште се тука Лука Модриќ и Иван Перишиќ, а меѓу поискусните се и Матео Ковачиќ, Андреј Крамариќ, Анте Будимир, Марио Пашалиќ и Доминик Ливаковиќ.
Во меѓувреме, стаса и нова генерација. Јошко Гвардиол (23) е меѓу најценетите дефанзивци во светот, неговите стапки ги следи и чудото од Хамбург Лука Вушковиќ (18), додека Јосип Станишиќ (25) е стандарден во Баерн. Петар Сучиќ (22) се наметна во својата дебитантска сезона во Интер, а Фрањо Ивановиќ (22) се бори за минутажа во Бенфика. Значајни улоги имаат и Никола Моро, Марин Понграчиќ, Дује Чалета-Цар, Јосип Шутало, Игор Матановиќ, додека Лука Сучиќ и Мартин Батурина се соочуваат со проблеми во Комо.
Ситуацијата засега не изгледа алармантно, но Златко Далиќ јасно и навреме испраќа предупредување.


