Животната приказна за Шинејд О’Конор: Мајка ѝ ја злоставувала, сакала да си го одземе животот, синот ѝ починал на 17 години

Фото: Profimedia

Познатата пејачка Шинејд О’Конор почина на 56-годишна возраст. Ужасот што го доживеала во детството во голема мера ѝ го одбележал целиот живот.

Утеха барала во религиите, мажите, мајчинството, а и кога било најтешко, не престанала да се бори против злоупотребата на децата и да го подига светот на разни теми и проблеми.

Таа секогаш отворено зборуваше за своите проблеми, со надеж дека ќе ги дестигматизира, но и ќе ги поттикне луѓето и институциите поактивно да се борат против злоупотребата на децата, со оглед на тоа што од искуство знае какви ефекти има тоа врз психичкото и физичкото здравје.

Фото: DPA / AFP / Profimedia

Нејзините родители Шон и Мари биле многу млади кога се венчале и добиле пет деца. Бракот им бил нефункционален, па таа имала осум години кога се развеле. Трите поголеми деца, меѓу кои и таа, останале да живеат со мајката, а помалите отишле да живеат кај татко им. Шест години поминати со мајка им оставиле големи лузни кои ги носи до крајот на животот.

“Ме малтретираше на секој можен начин што можете да замислите. Мајка ми беше многу несреќна жена, многу, многу насилна и имаше лош живот, очигледно поради сопствените искуства од детството. Ме тепаше со секакви предмети. Бев изгладнета, заклучена во соба со денови без храна и облека. Бев и психички малтретирана“, раскажала Шинејд.

Фото: CRISPIN RODWELL / Shutterstock Editorial / Profimedia

Пејачката тврдела дека нејзината мајка имала соба за мачење, дека сексуално ја злоставувала и се обидела да ги уништи нејзините репродуктивни органи.

Поради тортурата во детството таа била срамежлива и повлечена. Крадела, затоа што ако донесела дома пари или друго, мајка ѝ била задоволна. Со нејзината сестра никогаш не си ја завршувале домашната задача и биле многу лоши ученици.

Фото: Field of Vision – Album / Album / Profimedia

На 13-годишна возраст се преселила кај нејзиниот татко, кој повторно се оженил и таму се почувствувала ослободено. Некои работи и останале навика. Иако била свесна дека се лоши, таа продолжила да ја пропушта наставата и да краде. Кога имала 19 години, нејзината мајка загинала во сообраќајна несреќа.

Во текот на младоста, таа била избркана од неколку католички училишта, а нејзиниот татко бил убеден дека сè ќе се промени на подобро доколку ја смести во образовната институција и центар за рехабилитација „Магдалена“, управуван од калуѓерки. Таму ја открила својата страст за пишување и музика, но тоа место го памети и по казните.

Фото: Field of Vision – Album / Album / Profimedia

Една од сестрите и купила гитара, била подучувана музика, а една од волонтерките која била сестрата на тапанарот Пол Бирн од бендот „In Tua Nu“, ја предложила Шинејд како талентирана пејачка. На 15 години со бендот ја снимила песната „Take My Hand“, но членовите на бендот одлучиле дека е премлада за да им се придружи.

За време на настапот со бендот „Tonton Macoute“, таа била забележана од сопствениците на малата лондонска музичка куќа „Ensign Records“. Откако се преселила во Лондон, потпишала договор со нив и го издала својот деби албум „The Lion and the Cobra“ во 1987 година.

Фото: MediaPunch / BACKGRID / Backgrid USA / Profimedia

Една година подоцна, нејзиниот татко ја запишал во училиштето „Ватерфорд“, каде што, со поддршка на нејзиниот наставник по ирски јазик, Џозеф Фалви, напредувала и снимила демо албум со четири песни, од кои две ги напишала самата. Тогаш решила да го напушти образовниот систем и целосно да се посвети на музиката.

На нејзиниот втор албум „I Do Not Want What I Haven’t Got“ таа ја обработи песната „Nothing Compares 2 U“ на Принс, која веднаш стана глобален хит.

Видеото ја освои наградата за видео на годината на „Ем-ти-ви“, магазинот „Ролинг Сотун“ ја прогласи за пејачка на годината, а албумот се искачи на врвот на Билборд топ листите. Ја освои наградата „Греми“ во категоријата најдобар алтернативен албум.

Фото: Niall Carson / PA Images / Profimedia

Иако пред неа биле најуспешните години, таа често зборувала за нејзината борба со менталната болест, години подоцна, и за биполарното растројство, депресијата и самоубиствените мисли. Пејачката потврдила дека на нејзиниот 33 роденден се обидела да се самоубие и тоа не било единствениот пат.

Подоцна своите проблеми и испади ги препишала на посттрауматски стрес и депресија како резултат на злоупотреба во детството.

Во 1992 година се одлучила на потег, кој ја одбележа целата нејзина кариера – уништувајќи ја фотографијата на папата Јован Павле Втори на „Saturday Night Live“, како протест против сексуалната злоупотреба на деца во Католичката црква.

Фото: DAVE RUSHEN / BACKGRID / Backgrid UK / Profimedia

Таа продолжи да ја шокира јавноста откако изјави дека е лезбејка, а потоа негираше, се прогласи за католички свештеник, рече дека сака да се приклучи на политичката партија „Шин Фејн“, но не го стори тоа.

Беше вокална и по прашањето за сексуализацијата во поп-музиката, а по објавувањето на видеото за „Wrecking Ball“, напиша отворено писмо до Мајли Сајрус, повикувајќи ја дека испраќа лоши пораки до младите.

Сите овие драматични настани се одразиле и на нејзиниот приватен живот. Таа има четири деца од браковите со четири различни мажи. Поради нејзините проблеми, таа се соочила и со губење на старателството на малолетните деца.

Откако го прифати исламот во 2018 година, таа го промени името во Шухада Садакат, а минатата година објави дека боледува од парализирачка агорафобија. Неколку недели подоцна, таа ја извести јавноста дека зема една година одмор за да го започне лекувањето од траума и зависност.

Фото: Twitter/ suzyallthatglitters

Меѓу последните трагедии во нејзиниот живот, е смртта на нејзиниот син Шејн, на 7 јануари 2022, неколку денови откако било пријавено неговото исчезнување. Шинејд тогаш објавила дека чувствува како смртта на 17-годишниот Шејн е нејзина вина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот