Жителите на селото со протести бараат да им се реши проблемот: Општината тврди дека бунарите во Кучково се пресушени

Без вода/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Со извршено теренско извидување со стручни лица од областа на геохидрологијата во близината на посоченото место, утврдено е дека има услови да се направи нов бунар, кој според локалната власт, може да ги задоволи основните потреби на селото.

Сите четири бунари во селото Кучково се суви и во нив нема вода, поради што жителите во периодот кога температурата на воздухот се искачува над 40 степени се без вода за пиење. Ова го утврдиле одговорни лица од Општина Ѓорче Петров, кои заедно со претставници од ангажирана надворешна фирма, стручна во областа за искористување на подземните бунари и пумпните постројки во нив, минатата недела, како што велат, биле во теренска посета на селото.

– Утврдено е дека сите четири бунари (бушотини) кои се со длабочина од 32 до 120 метри се суви, односно нема доток на вода во нив. Во претходниот период направени се четири бунари на различни локации, каде во почетокот имало некоја количина вода, но поради карстноста на земјиштето, водата постепено се губи и бунарите остануваат суви – тврдат од Општината.

Оттаму велат дека во изминатиот период ги известиле жителите на Кучково дека е изработена студија за местоположба – наоѓалишта на подземни води, преку Институтот за геосеизмичко инженерство и геохидролошка анализа, каде што е утврдено можно наоѓалиште на подземна вода на длабочина од 120 до 150 метри.

– Со извршено теренско рекогносцирање со стручни лица од областа на геохидрологијата во близината на посоченото место, утврдено е дека има услови да се направи нов бунар, кој сметаме дека ќе ги исполни основните потреби на селото – велат од Ѓорче Петров, но не прецизираат кога тоа би се случило, за конечно да се реши проблемот на жителите со недостиг на пивка вода.

Настанатиот проблем, според локалната власт, е повеќегодишен, од аспект дека се јавува постојан сушен период во текот на целата година, но и како многу важен фактор тие го издвојуваат карстното подрачје каде што е лоцирано селото кое оневозможува дождовните води да се задржуваат во бунарите, туку продираат во длабочините на земјиштето.

Жителите на Кучково во неделата одржаа протест револтирани што во 21 век живеат како во 19 век и за време на летните горештини мака мачат да се снабдат со вода. Според информации на дел од нив, проблемот е настанат затоа што Општина Ѓорче Петров не ги плаќа услугите кон фирмата задолжена да црпи вода во водоводот. Тие објаснуваат дека водоводот во селото Кучково чистата вода за пиење ја црпи од подземниот бунар кај манастирот „Свети Ѓорѓија“.

– Ќе блокираме и ќе протестираме додека не се реши овој проблем, три години е – утре, утре, утре, и никако да дојде тоа утре, и до тие што се закануваат на народот да не излегува, да знаете не се заканува на кучковци! Дојдете и видете еден ден без капка вода како е – информираа од Иницијативниот одбор на Кучково.

Жителите од селото од април се соочуваат со овој проблем. Единствениот извор на вода во Кучково во моментов е главната селска чешма, каде што мештаните полнат шишиња со вода за да си ги задоволат најосновните потреби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот