Жестока дебата во ОН: Русите тврдат дека имаат докази за украинско биолошко оружје, САД и Украина негираат

Фото ЕПА

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја тврди дека силите на Москва пронашле докази за обид да се расчистат доказите за биолошко оружје во Украина, јави Би-Би-Си.

Говорејќи на средбата на Советот за безбедност на ОН, свикана на барање на Русија,  Небензја рече дека руските сили пронашле докази за мрежа од „најмалку 30″ лаборатории за биолошки истражувања чија цел е зајакнување на неколку „смртоносни болести”.

Тој тврди дека на локациите биле спроведени „многу опасни биолошки експерименти” во координација со САД. Тој не приложи никаков доказ за своите тврдења, а шефот за разоружување при ОН Изуми Накамицу рече дека не знае за каква било програма за биолошко оружје во Украина.

Украина ги отфрли сите наводи дека работи на биолошко оружје.

САД ги нарекоа таквите тврдења од Русија „смешни” и предупредуваат дека Русија може да ги искористи за да ја оправда сопствената потенцијална употреба на слично оружје против Украина.

– Украина нема програма за биолошко оружје. Нема украински лаборатории за биолошко оружје поддржани од САД, изјави американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд.

Томас-Гринфилд вели дека Украина има свои лаборатории за јавно здравје за откривање и дијагностицирање на болести како Ковид-19, додавајќи дека САД и помогнале на Украина „да ги направи безбедни”.

– Русите се тие кои долго време ја одржуваат програмата за биолошко оружје, кршејќи го меѓународното право, додаде таа.

Биолошкото оружје се разликува од хемиското оружје. Тоа е фраза што се користи за да се опише претворањто на опасен патоген, како што е на пример еболата, во оружје.

Русија ја обвини Украина дека работи со САД на биолошко оружје. Една од причините е тоа што Украина, како и многу земји во светот, работи на истражување на Ковид и други патогени и бара начини да го одбрани населението од нив, појаснува Би-Би-Си.

Проблемот е што постои потенцијално сива зона помеѓу работата на начините за заштита на вашето население од штетни патогени и тајното работење на тоа како тие би можеле да се користат како оружје. Русија не достави никакви непосредни докази за украинските злодела во оваа област.

Русија, кога беше дел од Советскиот Сојуз, контролираше навистина голема програма за биолошко оружје, управувана од агенција наречена Биопрепарат. По крајот на Студената војна, научниците влегоа да ја демонтираат во 1990-тите. Откриле дека Советите масовно произведувале и претворале во оружје антракс, сипаници и други болести откако ги тестирале на живи мајмуни во јужна Русија. Тие дури ставале спори на антракс во боевите глави на меѓуконтиненталните ракети со долг дострел насочени кон западните градови, наведува Би-Би-Си.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот