Железнички хаос на стартот на Зимските олимписки игри, Италија обвинува за саботажа

Железничкиот систем во Италија беше сериозно нарушен на самиот почеток на Зимските олимписки игри, откако на северот на земјата беа регистрирани масовни доцнења и прекини во сообраќајот. Италијанскиот министер за транспорт оцени дека станува збор за директен напад врз државата, пренесе Ројтерс.

Инцидентот се случил во близина на Болоња, еден од најважните железнички јазли во северна Италија, каде што биле пресечени кабли неопходни за функционирање на мрежата. Поради тоа, беа погодени брзите, меѓуградските и регионалните железнички линии, а илјадници патници се соочија со значителни доцнења.

Надлежните институции соопштија дека се води истрага за можен чин на саботажа, при што како една од опциите се разгледува и поврзаност со анархистички групи. Министерството за транспорт во официјално соопштение ги опиша настаните како дела „со невидена сериозност“, правејќи паралела со сличните нарушувања што неодамна се случија во Франција за време на Олимписките игри во Париз.

Министерот за транспорт и инфраструктура Матео Салвини, во изјава за новинската агенција Анса, рече дека инцидентот претставува напад врз Италија и нејзината критична инфраструктура.

Зимските олимписки игри се одржуваат на околу 300 километри од местото каде што се случи саботажата, во Милано и во скијачкиот центар Кортина д’Ампецо, во североисточниот дел на земјата.

Нарушувањата доаѓаат во период на зголемени внатрешни тензии во Италија, поврзани со проширувањето на полициските овластувања, вклучувањето на агенти на американската Служба за имиграција и царина во обезбедувањето на Олимписките игри, како и со растечката загриженост од можни кибернапади врз критичната инфраструктура за време на спортскиот настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот