Згаснатиот бугарски клуб „Иван Михајлов“ од Битола повторно оживеа со бугарски песни

Свеченост по повод 24 мај во бугарскиот клуб во Битола/Фото: Фејсбук

По повод Денот на Сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во Битола укинатиот културен клуб на Бугарите од градот „Иван Михајлов“ повторно ги отвори вратите и од внатре се слушаа бугарски песни, во преполната сала на клубот.

Поради спорното име „Иван Михајлов“ во март минатата година министерот за правда Кренар Лога потпиша решение дека здружението „Иван Михајлов“ не е усогласено со Законот за здруженијата и фондациите, а потоа Централниот регистар по службена должност го избриша битолското здружение. Решението на министерот се базираше на негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов како назив за здружението на Бугари од Битола кое претходно го даде Комисијата за употреба на имиња на личности.

Слична судбина имаше и бугарскиот клуб „Цар Борис III“ од Охрид кое по решение на министерот Лога во април минатата година е избришано од Централниот регистар.

Но, битолскиот клуб, сепак според објавата на Фејсбук на овој клуб, „по повод денот на Светите браќа Кирил и Методиј и бугарската азбука, просвета и култура“ организирал чествување на кое присуствувал Генералниот конзул на Бугарија Николај Димитров. Организатори на настанот биле клубот „Иван Михајлов“ од Битола и „Здружението на македонски Бугари Интеракција, Воено историската комисија, Сојузот на резерните офицери од военото училиште на неговото величество училиште Школата за резервни офицери и Патриотско државјанство 2024“.

На оваа свеченост било промовирано и фототипското издание на „Големата бугарска читанка или вториот дел од бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за македонските Бугари“, од Кузман Шапкарев издаден во Цариград, 1868 година.

-Благодарение на хорот од девојчиња „Евмолпеја“ од Пловдив, кој, на сечие задоволство, учествуваше на прославата, за првпат од 1944 година, во живо се слушнаа благословените звуци и зборовите на химната „Одете луѓе преродени“ по стихови на Стојан Михаиловски (деец на ВМОРО) и музика на Панајот Пипков (член на македонско-одринското друштво Ловеш и роднина на Гоце Делчев). Одете луѓе преродени!“, стои во објавата на Клубот на Фејсбук.

Инаку, во Основниот суд во Битола минатата година почна судењето против претседателот на клубот „Иван Михајлов“, Љупчо Горгиевски. Меѓу сведоците на одбраната на обвинетиот битолчанец закажано за септември треба да се појави и поранешниот премиер и претседател на ВМРО НП Љубчо Георгиевски. Од другата страна како сведоци на обвинителството во претходните рочишта беа повикани Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борците од Битола, Зоран Ѓоргиев, публицист и автор на книга за битолските Евреи, како и Горан Садикарио, директор на Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија и пејачот Ламбе Алабаковски, кој во 2022 година ја опожари влезната врата на клубот и за тоа беше осуден на условна казна затвор од шест месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот