Земјоделци се соочуваат со казни бидејќи палеле стрништа и слама

Државниот земјоделски инспекторат открил и казнил 15 лица за палење стрништа и слама на полињата во кочанскиот регион кои со тоа директно придонеле за загрозување на општата безбедност и за загадување на животната средина.

Инспекторите секојдневно се на терен и од увидот е констатирано дека се опожарени поголеми површини земјоделско земјиште, а лицата кои ги палеле остатоците од жетвата на оризот биле затекнати во нивите.

– Против откриените сторители се поднесени прекршочни пријави и издадени им се налози за плаќање парична глоба. Висината на казната е различна, во зависност дали се работи за физички или правни лица и достигнува до 500 евра во денарска противвредност. Истовремено, на средбите со земјоделците се обидуваме да ја подигнеме јавната свест и да укажеме дека со палењето на сламата и стрништата тие влијаат врз загадувањето на воздухот, а загрозени се и објекти во непосредна близина или пак земјиште засеано со други земјоделски култури- истакна Савка Веселинова, државен земјоделски инспектор.

Од земјоделскиот инспекторат додаваат дека голем придонес во откривањето и санкционирањето на лицата кои нелегално палат оган на отворен простор дава и соработката со полицијата и со територијалната противпожарна единица од Кочани, чии екипи исто така излегуваат на терен.

Палењето на стрништата и сламата во последните неколку недели е зачестено, особено во доцните попладневни и вечерните часови, поради што од инспекторатот најавија засилени контроли во тој период и ригорозни санкции за сите прекршители. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот