„Зелен хуман град“ реагираат: Учеството во изборната трка на независни граѓани не може да биде предмет на пазарење

Иницијатива „Зелен Хуман Град“ Драгана Велковска Горјан Јовановски
Иницијатива „Зелен Хуман Град“ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Крајно сме револтирани од последната изјава на премиерот Заев за зголемувањето на прагот за независни листи на локално ниво на 1% што сака да го прикаже како намалување, велат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, како реакција на вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека предложениот праг од два отсто во предлог-измените на Изборниот законик ќе се симне на еден отсто или целосно ќе биде отстранет.

– Најпрво, му порачуваме дека учеството во изборната трка на независни граѓани кои не сакаат да се дел од ниедна партија – не е и не може да биде предмет на пазарење. Уште помалку, предмет на пазарење меѓу партиите. Следствено, крајно е понижувачки да се слуша некој кој до вчера беше „на браникот на демократијата“, денес да се става над законот, да зборува во име на други институции кои – ако во Македонија се практикува поделбата на власта – се целосно независни од него и неговата функција.

Веруваме дека премиерот Заев е свесен дека со неговите калкулации ќе бидат потребни повеќе потписи за независна советничка листа за Град Скопје отколку за пратеничка листа? За кандидирање на парламентарни избори, независна листа треба да собере 1000 потписи од цела изборна единица, а за Град Скопје со зголемувањето на прагот на 1% треба да се соберат 5000 потписи, колку што на локалните избори во 2017 г. „тежел“ еден советнички мандат. Интересно, членот од Изборниот законик во кој е уреден бројот на потребни потписи за кандидирање пратеници преку независна листа не е предмет на измена сега. Ќе биде ли менуван пред следните парламентарни избори ако се кандидира „Зелен хуман град“ со своја, независна, листа?

Ова владејачко мнозинство требаше да покаже дека се разликува од претходниците. За жал, наместо тоа, упорно се туркаат недемократските измени на Изборниот законик среде лето, на помалку од една седмица од распишување на изборите, по скратена постапка, со целосна исклученост на јавноста и низ крајно нетранспарентен процес и по многубројните реакции од страна на јавноста, вклучително и на активистичката коалиција „Зелен хуман град“.

Затоа, до претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда и Собранието, ги поднесуваме следните барања:

1. Бараме Изборниот законик да се отвори за јавна дебата во која ќе учествува и наш член покрај другата заинтересирана јавност, а согласно со изјавата и препораките на претседателот Стево Пендаровски, во која се вели дека „Доколку сепак во овој период се оди со измени, став на претседателот е, тоа да биде со поширок политички и општествен консензус постигнат не само меѓу власта и опозицијата, туку и со релевантните организации од граѓанскиот сектор”. За правила на избори, учество во избори, учество во предизборна кампања не може да решаваат само партии зад затворени врати, притоа предлагајќи измени кои им одат во прилог на партиите, а со кои сакаат да го задушат независниот граѓански глас.

2. Бараме актуелниот праг за собирање потписи за независни листи на локално ниво утврден во член 62 од Изборниот законик да се намали десеткратно за сите општини и да се воведе собирање потписи надвор од општинските канцеларии на ДИК, односно на улица со приложување лична карта, согласно со препораките од ОБСЕ/ОДИХР од 2017 година, каде што е наведено дека „треба да се размисли за обезбедување алтернативни методи за собирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување”. Потенцираме дека максимумот од 1%, согласно со Кодексот за добри изборни практики од Венецијанската комисија не е компромисно решение бидејќи е спротивно на суштинската препорака од Венецијанската комисија, која вели дека измените поврзани со прагот за собирање на потписи за кандидатура не смее да бидат пречка за кандидирање на граѓаните за јавни функции. Оттука, не смее да се продолжи со наведување на јавноста дека прагот од 1% е разумно решение, како што е случајот со вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев.

3. Бараме секакви правила поврзани со моделот на отворените листи кои може да ги збунат гласачите на претстојните избори, а тоа да создаде висок процент неважечки ливчиња во корист на големите партии, да не се ни помислува да се воведува сега. Овие измени беа споменати во изјавата на Министерот за правда, Бојан Маричиќ, а се регулирани и со членовите 33 и 35 од Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

4. Бараме секакви измени на ИЗ кои ги предвидувате, а кои подразбираат рекламирање во медиумите и каков било простор на останатите чинители во никој случај да не бидат во корист на големите партии зашто тоа е одлика на режими, а не демократии каде што се поттикнува и овозможува политички плурализам. Имено, бараме да се повлечат измените предвидени со членовите 22, 23 и 26 од Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот
законик, со кои предност во користење на медиумска поддршка во изборната кампања имаат четирите најголеми партии (дури 90%), а за останатите, во кои спаѓаат и независните советнички групи, е определена рамка од само 10%.

5. Бараме пратениците, министерствата, претседателот строго да се придржуваат до препораката од ОБСЕ/ОДИХР за неменување на Изборниот законик најмалку 6 месеци пред одржувањето на изборите.

Со донесувањето на штетни измени во Изборниот законик на помалку од три месеци пред одржувањето на локалните избори, директно се загрозува правото на претставеност преку независни советнички листи во локалната самоуправа, се утврдуваат позициите на моќ кај големите партии – моќ која се одзема од граѓаните, а тоа во едно демократско општество е недопуштено, стои во соопштението на „Зелен хуман град“.

Видео на денот