Збирката „Разбудена вода“ од Дијана Петкова ќе има промоција во Матичната библиотека „Кочо Рацин“ во Пехчево
Во Домот на културата „Јане Сандански“ во Пехчево, на 18 април (сабота), со почеток во 12 часот, директорката Валентина Веселинска ќе ја отвори „Будна вода“ – изложба на слики од Дијана Петкова, а во 13 часот, во Матичната библиотека „Кочо Рацин“ во Пехчево директорката Габриела Костадинова ќе ја промовира збирката „Разбудена вода“ – хаи[бун]накуа од Дијана Петкова.
Препорачано
Циклусот „Будна вода“ опфаќа четириесет дела, но ќе бидат изложени само дваесет слики работени во техниката акрилик на платно и комбинирана техника. Сликите се работени во периодот од 2022 до 2025 година.
Збирката „Разбудена вода“ содржи дваесет хаи[бун]накуа и дваесет фотографии од сликите од Дијана Петкова.
…„Разбудена вода“ претставува пример за таканаречено женско писмо и тоа од многу аспекти. Прво, напишана е во жанр измислен и промовиран од жена авторка, кој се базира на жанр кој, исто така, е измислен и промовиран од жена авторка, а на ова може да се надоврземе и дека ниту еден маж автор никогаш претходно не напишал книга во овие жанрови. Второ, за разлика од „машките“ патописи, кои се дескриптивни, фактички, понекогаш дури и оценувачки, „женските“ патописи на Дијана Петкова се пишувани од една сосема поинаква фокализација; тие се поетични и интроспективни и прават силни паралели меѓу внатрешниот душевен и надворешниот конкретен свет. Уште во втората реченица на воведот, авторката го воведува симболот на водата како нешто „најженско“: „[водата] ме следи уште од мојот зачеток, во утробата на мајка ми, преку моето раѓање и продолжи во мојата утроба со раѓањето на двете деца што ги донесов на овој свет“. Таа поврзаност на жената и мајката со водата се провлекува низ сите хаи[бун]накуа во збирката, па и во воведот“… напиша Елена Пренџова во рецензијата за збирката.
Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи.
Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“, „Стожер“, „Теа модерна“ и хрватското списание „Ирис“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ (2012), во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016), „Самодиви“ – панорама на поезија пишувана од жени, од преродбата до денес приредена од Славе Ѓорго Димоски и Јулијана Величковска (2023), во повеќе е-збирки и во Зборниците на „Поетски слем Македонија“ (2021, 2022, 2023, 2024).
Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“ – поезија со детски цртежи (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013), „Честичка свесност“ – хаику и хаига (2014), „Мамо, што има за јадење?“ – хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо • Поврзување со целоста“ – хаику и хаига (2017) и „Поврзи се…“ – хаиги, со фотографии од убавините на Македонија изработени од Камелија Шојлевска (2018), „Растајнување на светлината“ – хаинаку, превртено хаинаку и хаинага (2019), „Момент во денот“ енсо • хаику дневник (2020), „Скротителка на змејови“ – хаи[бун]наку и „Разбудена вода“ – хаи[бун]наку / каталог.
Во креативниот центар „Арс вивенди“, каде што работи како менторка во студиото за креативно пишување, организирала дваесет завршни изложби и промовирала шест книги: „Слободна вода“, „Тивките сили на духот“, „Мисли молкома“, „24/7“, „Месечино, диши!“ и „Дремката на облакот“, изработени од деца – членови во овој креативен центар.
Учела сликање кај академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски. Авторски потпис ставила на две самостојни изложби „Момент во денот“ и „Будна вода“, на три онлајн изложби на платформата „Artsteps: Life is poetry“, „Поврзи се“ и „Седум порти на лотосот“, а учествувала и на дваесетина групни изложби. Живее и работи во Скопје.


