Заврши „грејс“ периодот за долговите

Фото: Архива

Со завршувањето на вонредната состојба и дополнителните рокови поради пандемијата, се враќаат старите законски одредби, а тоа значи дека истече четиримесечниот мораториум на извршувањата. Комората на извршители на РСМ веќе објави дека според последната Уредба со законска сила за измена и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување, важењето на Уредбата беше уште 30 дена по престанувањето на вонредната состојба.

– Ова значи дека од 24 јули 2020 година продолжува целосната примена на Законот за извршување – соопштија од КИРМ.

Меѓу другите уредби за ублажување на здравствената и економска криза, Владата до 30 јуни, плус дополнителни 30 дена, соопшти дека извршителите се должни да запрат со преземање какви било извршни дејства, освен во предметите за побарувања врз основа на законска издршка. Во тоа време требаше само да примаат барања за извршување и само да ги евидентираат. Можеа и да се изготвуваат налози за извршување врз недвижност и електронска достава до јавната книга заради прибележување на налогот, и да се изготвуваат налози за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност и електронска достава до Депозитарот за хартии од вредност. Правно, нема можност за уште едно одложување на извршувањето, бидејќи веќе не сме во вонредна состојба.

Иако запре извршувањето од сметките на граѓаните и фирмите, не беше стопирана пресметката на каматата на долгот што го имаа. Тоа значеше дека до 30 јуни, односно 24 јули, не се плаќаа задршките на плати или од сметки по основа на некое извршно решение, односно банката не ја задржуваше висината на договорената рата, но на долгот течеше камата. Всушност и долговите за извршување, како ратите за кредитите добија грејс-период, па откако тој ќе заврши, вкупната сума за враќање ќе биде зголемена.

Инаку, ќе се извршува сѐ што беше запрено со Уредбата со законска сила од 1 април – блокираните сметки кај комерцијалните банки, кај правни и физички лица, како и забраната ставена на плати и пензии кај работодавачите и Фондот за ПИОМ. Продолжуваат продажбите врз недвижности, продолжуваат пописите врз подвижни предмети и сите дејства утврдени со законот за извршување.

– Извршувањето врз плата и пензија може да се спроведува до износот од една третина на платата или пензијата, а во случаи на побарувања заради издршка, надоместок на штета заради загубена издршка поради смрт на давателот на издршката и др., може да се спроведе извршување до една половина од платата или пензијата. Должникот чија сметка е блокирана, а на неа прима плата односно пензија, неопходно е писмено да го извести извршителот и да презентира доказ кај извршителот, со цел да се одблокира сметката во банка и да се продолжи извршување со остатокот од паричните средства кои не го зафаќаат законскиот минимум од 1/3 односно 1/5 – објаснуваат од КИРМ.

Според податоците на Народна банка, до март биле блокирани повеќе од 106.000 сметки, од кои 26.000 на компании, а 80.000 на граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот