Затворањето на сметките во Охридска банка нов проблем за фирмите: Каде ќе завршат погрешните уплати?

Фото: МИА

Голема непознаница за компаниите е фактот дали коминтентите што по грешка ќе вршат уплати на сметка во Охридска банка, ќе добијат известување дека сметката им е затворена или дека имаат нова сметка или средствата ќе бидат автоматски префрлени на новата сметка?!

Доскорешните коминтенти на Охридска банка АД Скопје, кои со присоединувањето кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, од идната недела ќе добијат нови броеви на сметките, се оставени сами да ги известуваат клиентите за оваа промена.

Компаниите не знаат дали се работи за технички пропуст и реагираат дека ова не е добра деловна практика. Тие прашуваат дали банкарите се свесни дека им се отвора огромна работа, за која ќе треба многу време и пари, бидејќи некои компании имаат повеќе стотици фактури што чекаат за наплата, а сега може да се изгубат, бидејќи деловните партнери нема да знаат каде да ги уплаќаат парите!?

Голема непознаница за компаниите е и фактот дали коминтентите што по грешка ќе вршат уплати на сметка во Охридска банка, ќе добијат известување дека сметката им е затворена или дека имаат нова сметка или средствата ќе бидат автоматски префрлени на новата сметка?! Дали банката ќе ги извести своите клиенти дека некој направил пропуст?

– Пред еден месец добивме известување дека ќе се променат броевите на нашите сметки, кои ќе стапат на сила од денот на спојувањето на банките (19 јули). Бевме и информирани дека од истиот датум, старите броеви на сметки нема да биде возможно да се користат за плаќања или за прилив на средства. Како е изоставен овој мошне значаен детаљ? Можеби некому му се чини дека известувањето ќе оди лесно и тоа можеби е така за некоја фирма што чека само неколку фактури, но што да правиме ние кои имаме и по повеќе стотици фактури? Нè ставаат пред свршен чин. А во ова време кога сите се бориме за секој денар, лесно може да се случи да останеме без долгоочекуваните средства – реагираат од компаниите за „Слободен печат“.

Во информацијата објавена на веб-страницата на Охридска банка стои дека нема да се случи спојување на сметки, состојби и овластени лица на сметките од двете банки, за клиентите кои имаат сметки и во Охридска банка и во Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.

Сметките од Охридска банка АД Скопје со сите постојни овластувања ќе останат во прегледот на сметки во интегрираната Шпаркасе Банка Македонија, паралелно со постојните сметки. Клиентите не мора да склучуваат договор за новата сметка, за пренос на средства од старата на новата сметка и сл. Потребно е клиентите за новиот број на сметка навремено да ги информираат сите физички или правни лица и институции, за трансакциите и приливите што ги очекуваат непречено да се извршуваат. За промените на бројот на жиро-сметките треба да ги известите вашите партнери. По спојувањето, ќе биде невозможно вашите партнери да извршат уплата на старата сметка. Вашите партнери и вие можете да го пребарувате бројот на новата сметка преку онлајн конверторот – стои во известувањето до клиентите.

Во изминатиот период се направија обемни подготовки за преземањето на Охридска банка АД Скопје, од групацијата Штаермеркише Шпаркасе. Присоединувањето е единствен од ваков обем во банкарската историја во Македонија, чие завршување е планирано за втората половина на јули 2021 година, а првиот работен ден како интегрирана банка е планиран за 19 јули 2021 година.

Работниците треба да ги известат газдите каде да им ја праќаат платата?

И граѓаните што досега имале сметка во Охридска банка, потребно е за новиот број навремено да ги информираат своите газди каде да им ја праќаат платата. За тоа не треба да одат по шалтерите. Од банката ги известиле и дека им се менува само бројот на сметките, а сите други податоци во врска со производите остануваат непроменети. До истекот на месецот и годината на важност на платежните картички издадени од Охридска банка, граѓаните ќе може слободно да ги користат во трговијата и услугите. И пензионерите ќе продолжат да ги добиваат своите пензии на новите сметки и не треба индивидуално да го доставуваат новиот број на сметка во ПИОМ, бидејќи сите потребни активности ќе ги спроведе банката по службена должност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот