Заштитничката моќ на каменот „Опсидијан“ е инспирација за самостојната изложба на Бурџу Мусли

Изложбата е поставена во „Галерија 2“ во МКЦ

Младата уметница Бурџу Мусли во „Галерија 2“, при Младинскиот културен центар во Скопје, од 17 февруари ја презентира својата четврта самостојна изложба. Со наслов „Опсидијан“ (Obsidian), изложбата содржи 25 дела, дигитално изработени фотографии и колажи. На отворањето на изложбата музички настап имаше групата „Перија“.

– Опсидијан е камен со вулканско потекло и поврзан е со енергијата на правдата. Каменот го нарекуваат „спасител“, бидејќи ги штити своите сопственици од темни магични влијанија, лоша љубов, како и од грешни мисли и дела. Црниот опсидијан го раствора гневот и носи голема витална сила. Поради овие способности на каменот добив идеја и изложбата да ја насловам „Опсидијан“ – објаснува Бурџу Мусли.

Бурџу Мусли (1997, Скопје) е дипломирана сликарка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Покрај тоа што слика, се занимава и со дигитална уметност, фотографија и создава арт-колажи. Има учествувано на многу групни изложби и реализирано три самостојни изложби.

Првата беше со наслов „Purgatory“ (2020 г.) во МКЦ, втората ја постави во Старата чаршија со организацијата „Млади за Скопје“ (2021 г.) и третата во КСП „Центар-Јадро“ (2022 г.), која беше првата верзија од оваа изложба што сега ја реализира во МКЦ. Нејзината уметност како што знае да биде забавна и шарена, понекогаш е меланхолична, мистериозна, бунтовна и лута… а секогаш е храбра.

– Со мојата уметност се борам за духовно ослободување на секој човек, против ограничениот живот. Се борам против сѐ што е изманипулирано и филтрирано. Во последниов период најактуелно се занимавам со феминизмот. Да се биде жена во овој век, или подобро кажано, да се биде жена во општество со религии изменети од страна на мажи, сакајќи да ја потиснат интелигенцијата на жената за да ги освојат сите важни функции во општеството, ги покренува следните прашања во умот на жената: „која сум јас?“, „каква жена треба да бидам за да ги исполнувам очекувањата на религијата, или пак, треба да живеам како што мажите ќе ми налагаат?“.

Бурџу Мусли

Факт е дека нивото на образованието на жените на Блискиот Исток, како и стапката на жени кои работат и го користат своето избирачко право, е многу ниска. Покрај источните држави, може да се каже дека овој менталитет е присутен во многу делови во светот, дури и во државата во која живееме – истакнува Бурџу Мусли.

Делата што се претставени на изложбата Бурџу Мусли ги отстапи за хуманитарната аукција во рамки на настанот „МКЦ е солидарност“, а средствата од откупените дела ќе бидат донирани за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 167, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот