ВИДЕО: Заради корона кризата во Хрватска семејно насилство се зголеми дупло

Фото: Profimedia

Откако почна корона кризата, бројот на пријавени случаи во Хрватска се зголеми за 50 проценти во споредба со истиот период минатата година, изјави денес претседателката на Комитетот за родова еднаквост во хрватскиот парламент, Марија Селак Рашпудиќ.

Таа на прес-конференцијата рече дека бројот на сериозни случаи на семејно насилство, кои обично завршуваат со убиства, се зголемил за цели 50 проценти, односно регистрирани се 752 случаи.

„Зголемувањето на семејното насилство предизвикано од сегашната пандемија и епидемиолошките мерки што ја придружуваат е присутно насекаде во светот, а тоа е предизвикано од мерки што го ограничуваат движењето, што ги принудува луѓето да останат подолго во своите домови, вклучително и жртвите со насилници“ рече Селак Рашпудиќ.

За неа една од главните причини за пораст на насилството е прекумерното консумирање алкохол. Таа истакна дека во криза, луѓето пијат повеќе алкохол како одговор на стресот, а стресот се влошува од економската несигурност, намалувањето на приходите и загубите на работното место. Неможноста за пристап до здравствените установи поради ризик од инфекција, изолација и самоизолација и недостаток на контакт со пријатели и роднини кои би можеле да го препознаат проблемот се исто така голем фактор за зголемувањето на семејното насилство. 

Претседателката на Комитетот за родова еднаквост ги обвини надлежните институции и рече дека нема доволно силна реакција во врска со ова. Исто така таа очекува дека кризниот штаб да го пополнат експерти за ментално здравје. Побара и дополнителни ивестиции за медиумска пропаганда во која ќе бидат посчени контакти од центрите за советување и СОС-телефоните за телефони за жртви или потенцијални жртви.

Кај нас, за разлика од Хрватска веќе имаше неколку вакви кампањи. Во април сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска ги охрабри жените и девојките дека секогаш постои излез. Таа во видео пораката „Солидарноста, емпатијата и меѓусебната поддршка ни се потребни да ги надминеме овие тешки денови“ која е изработена во соработка со Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во Северна Македонија посочува дека ниту нашето општество не е исклучок од глобалните трендови на пораст на ризикот од родово базирано и семејно насилство во услови на пандемија..

 

„Пријавете семејно насилство во полиција, во центрите за социјална работа, на СОС линиите, кај граѓанските организации, матичните лекари; информирајте ги блиските пријатели или роднините во кои имате доверба. Полиција 192 , 24/7 СОС линии 070/075/077 141 700“ порача првата дама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот