Западните земји бараат Кара-Мурза да биде ослободен

Рускиот опозициски лидер Владимир Кара-Мурза/Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Владата на Германија побара итно ослободување на критичарот на Кремљ кој денеска беше осуден на 25 години затворска казна во Русија, а истите повици доаѓаат и од ЕУ, ОН и западните земји. Рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза е осуден на 25 години затвор за предавство и други обвиненија поврзани со критиките за војната во Украина.

ЕУ ја оцени како „скандалозно тешка“ казната од 25 години затвор во судскиот процес кој го смета за политички. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека оваа пресуда ја покажува злоупотребата на судството за вршење притисок врз активистите, бранителите на човековите права и сите гласови кои се спротиставуваат на нелегитимната руска агресивна војна против Украина.

Судењето беше затворено за јавноста а по завршувањето на истото, Кара Мурза беше прогласен за виновен за велепредавство, ширење лажни информации за руската војска и нелегално работење за непожелна организација.

Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч ја опиша пресудата како „травестија на правдата“.

Високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Тирк повика на итно ослободување на рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза. Тој истакна дека никој не треба да е лишен од слобода за остварување на човековите права и повика руските власти да го ослободат без одлагање а додека е во притвор со него да се однесуваат хумано.

 

На пресудата реагираа и германските и британските власти со осуда и барање за ослободување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот