„Замолкна“ линијата „Ало докторе“ за лекарски совети
Телефонската линија „Ало докторе“ (15123), која беше замислена како директна врска меѓу граѓаните и лекарите, веќе подолг период не функционира. Граѓаните кои се обидуваат да се јават, наидуваат на недостапен број, а од Министерството за здравство немаат добиено никакво официјално објаснување за причините зошто линијата не функционира.
Препорачано
Редакцијата на „Слободен печат“ официјално се обрати до Министерството со прашања – дали линијата е укината, дали ќе биде повторно активирана, колку граѓани ја користеле досега и кои се алтернативните канали за директна комуникација со лекари, но никаков одговор не беше доставен.
Редакцијата во неколку наврати се обиде и да стапи во контакт со лекарите преку линијата, но тоа не беше возможно – автоматската секретарка секогаш одговараше со пораката: „Сите доктори се зафатени, ве молиме почекајте“.
Со ова, останува непознато зошто линијата „Ало докторе“ е ставена вон функција и дали граѓаните ќе добијат нов канал за здравствени совети и информации.
Во меѓувреме, единствено на располагање остануваат редовните телефонски броеви на здравствените установи и матичните лекари – што значи дека јавната услуга замислена да биде брза, достапна и бесплатна за сите, исчезнала без објаснување.


