Доц. д-р Викторија Трајков/Фото: Влада на РСМ

Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков на средби во Будимпешта

Заменик-министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, Викторија Трајков од денеска ќе биде во дводневна работна посета на Будимпешта, каде што ќе има повеќе активности насочени кон унапредување на политичката, економската и образовната соработка меѓу Северна Македонија и Унгарија. Во рамки на посетата предвидена е и средба со унгарскиот министер за европски работи, Јанош Бока.

Како што соопшти МЕП, оваа посета е дел од заложбите за зацврстување на билатералните односи со земјите-членки на Европската Унија и за засилување на поддршката што земјава ја добива во процесот на европска интеграција во Унгарското претседателство со ЕУ.

Предвидено е Трајков да одржи и предавање пред студентите на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, кој важи за еден од најпрестижните универзитети во Европа и моментално е рангиран на 52-то место во светски рамки.

-Предавањето ќе биде посветено на европската иднина на Македонија, предизвиците со кои се соочува земјата во процесот на интеграција. Оваа можност е особено значајна, бидејќи ќе им овозможи на студентите во Унгарија одблиску да се запознаат со перспективите на нашата држава и нејзините заложби за европскиот напредок. Преку ова предавање, Трајков има за цел да ги зајакне врските со академската заедница во Унгарија и да ја промовира нашата земја како активен учесник во европските иницијативи и процеси, стои во соопштението на Министерството.

Трајков предвидено е да се сретне и со претставници на Фондацијата за граѓанска Унгарија, која е партиска фондација на ФИДЕС, водечката политичка партија во Унгарија. Фондацијата за граѓанска Унгарија има значително искуство во развивање на иницијативи кои ги охрабруваат младите и ги поддржуваат европските вредности и таа соработка може да придонесе за зголемено учество на граѓанските организации од нашата земја во заедничките европски програми и проекти.

Како дел од работната посета во Будимпешта заменик таа ќе се сретне и со Петер Старај, државен секретар за безбедносни прашања во унгарското Министерство за надворешни работи, а предвидени се и средби со македонската дијаспора во Будимпешта како и значајни личности од општествениот и политичкиот живот кои се од взаемно значење за двете земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот