Закон за ЈО: ВМРО-ДПМНЕ нема да се спаси од „бомбите“

Фото Архива

Сите „бомби“ кои се однесуваат после 30 јуни 2017 година ќе бидат користени само како индиции, велат од Министерството за правда, кој е предлагач на новиот закон за Јавно обвинителство. 

Со новиот предлог-закон за Јавно обвинителство, „бомбите“ што се користат во судските предмети кои се во тек остануваат и понатаму да се користат како доказен материјал, потврдуваат за „Слободен печат“ од Министерството за правда кое е креатор на предлог-законот. Тоа значи дека дваесетината предмети на старото Специјално обвинителство не заминуваат во историја, туку си продолжуваат во судската постапка. Сите други „бомби“ кои се однесуваат на предмети кои произлегуваат после одлуката на Врховниот суд, а се однесуваат на периодот по 30 јуни 2017 година ќе бидат користени само како индиции, велат од Министерството. Тоа значи ВМРО-ДПМНЕ нема да биде амнестирана од предметите на СЈО кои се однесуваат на незаконското финансирање на партијата и на изборните нерегуларности.

„Решението на Предлог-законот за Јавно обвинителство гарантира дека сите судски процеси кои беа во надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази“, се вели во соопштението од Владата.

Новина во Предлог-законот, е изборот на јавен обвинител во обвинителството за организиран криминал и корупција кој ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија. За Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Советот ќе го именува кандидатот кој што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите согласно овој закон.

„Предметите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преземени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон“, се посочува во соопштението од Владата.

Лидерот на СДСМ и доскорашен премиер Зоран Заев на Фејсбук напиша дека е постигната доволно добра основа за да почне процедурата за носење Закон за јавно обвинителство, а кој се надева дека ќе добие поддршка од најмалку 2/3 од пратениците.

„Усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес кон нашата европска интеграција и аргумент плус за ЕУ да донесе позитивни одлуки поврзани со почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Унијата. Она што е особено важно за сите наши граѓани, Законот ги овозможува неопходните услови за владеење на правото во нашата земја и за конечна и темелна изградба на правната држава. Низ разговорите, кон содржината на Предлог-законот беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се застапуваше и се избори Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со што се создаваат услови да се овозможи фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда“, вели Заев.

Законот, според него, гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.

– Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме – во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите, вели Заев кој упатува голема благодарност до ЕУ, до САД и до Државниот јавен обвинител за нивните напори и за помошта при дефинирањето на содржината на овој Предлог-закон, но и на сите пратеници и експерти кои дадоа свој придонес.

Донесувањето на овој закон е во скратена постапка, а минува низ тензичка атмосфера, со постојани расправии помеѓу власта и опозицијата.

Седницата за законот беше закажана вчера попладне, па се одложи за во вечерните часови, за да на крај биде презакажана за денес.  Владата во меѓувреме го повлече текстот на законите поради технички грешки и по направените корекции повторно го врати во собраниска процедура.

„Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ги разгледуваше Предлог-законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Во текот на седницата беа изнесени сугестии од министерката за финансии, Нина Ангеловска, од Секретаријатот за законодавство и од вице-премиерот Бујар Османи. Во Предлог-законот за јавно обвинителство беа внесени корекции кои се однесуваа на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот. Владата донесе заклучок Предлог-законот за јавното обвинителство со тие дополнувања да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. За жал, во текстот кој што е пратен беа направени ситни технички грешки кои се однесуваа токму на корекциите кои беа усогласени на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство е повлечен. Владата по направените исправки повторно го достави до Собранието на Република Северна Македонија“, наведе Владата во соопштението.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот