Заглави расправата во Собранието: Шверцерски се турка укинувањето на техничката влада, обвини СДСМ
За опозициската партија сè уште не постојат услови за укинување на техничката влада, а ДУИ смета дека техничката влада е донесена со политички консензус и затоа е потребно едногласие и за нејзиното укинување.
Иако се очекуваше Собранието на вчерашната пленарна седница да ја укине техничката влада, расправата за измените на Законот за влада никако да почне. Седницата прво беше прекината на барање на пратеничката група на ДУИ за да се консултираат, а потоа „интегративците“ инсистираа за законските измени прво да расправа Комитетот за меѓуетнички односи , а потоа за укинувањето на пржинската влада да расправа пленумот.
Препорачано
Мнозинството е решено да ја укине техничката влада, и покрај најавата на опозицискиот СДСМ дека во таков случај ќе ја напушти работната група задолжена за Изборниот законик. Ова, пак, не го колеба владејачкото мнозинство и Министерството за правда и без СДСМ да се туркаат измените на Изборниот законик.
Владата и владејачкото парламентарно мнозинството останаа на позицијата дека техничката влада треба да „замине во историјата“, а како компромис нудат решение дека пржинската влада ќе ги организира следните парламентарни избори, без оглед дали тие ќе бидат редовни или предвремени, а техничката влада да се укине дури на изборите потоа.
СДСМ е дециден дека сè уште не постојат услови за укинување на техничката влада и го обвини владејачкото мнозинство дека целиот процес за измена на законот го турка шверцерски, без неопходниот консензус и по скратена постапка.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, рече дека техничката влада е донесена со политички консензус помеѓу четирите најголеми партии и со помош на САД и на ЕУ и дека затоа е потребен консензус и за нејзино укинување.
– Овој механизам ги допира меѓуетничките односи и може да има влијание врз нив. Барам измените на Законот за влада прво да биде разгледан во Комитетот за меѓуетнички односи. Пред општата расправа, Предлог-законот да се разгледа во Комитетот и потоа да се заземе став како ќе биде изгласан – рече Ајдари.
Милошоски се повика на Деловникот
Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, повикувајќи се на членот 87 став 4 од собранискиот Деловник, рече дека Собранието може да одлучи на барање на координатор на пратеничка група тоа прашање да се разгледа на Комитетот и дека барањето на Ајдари ќе го стави на гласање.
Ајдари процедурално се спротивстави на предлогот на Милошоски.
– Ова прашање не е поврзано со гласање на Собранието. Барам законот директно да оди на расправа во Комитетот. Друго прашање е дали мнозинството досега не го формирало Комитетот. Овој предлог-закон има елементи да се испрати во Комитетот по автоматизам, со цел Комитетот да ни даде препорака. Не е во ред ова што го правите – рече Ајдари.
Милошоски рече дека само постапува како што налага Деловникот, односно дека таа како координаторка бара седницата да се прекине и дека за тоа одлучува Собранието.
– Должен сум предлогот да го ставам на гласање – рече Милошоски.
Ајдари инсистираше да заседава Комитетот и рече дека тоа ѝ го овозможува амандманот 12 од Уставот.
– Имате обврска овој Предлог-закон да се дискутира во Комитетот. Ова е лошо интерпретирање на Уставот и на законите. Техничката влада е донесена со консензус меѓу две албански и две македонски партии и имаме право да бараме законот да оди во Комитетот – рече Ајдари.
На барање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски повторно беше побарана пауза за консултација.
Тренчевска: Укинувањето ќе значи дека власта подготвува изборна кражба
Претходно, на прес-конференција од Собранието, пратеничката Јованка Тренчевска ги повтори позициите на СДСМ зошто е против укинување на техничката влада.
– Додека беше во опозиција, токму Христијан Мицкоски и неговата партија бараа и инсистираа техничката влада да постои токму до влегувањето во ЕУ, како гаранција за демократија, владеење на правото и фер изборни процеси. Тоа и се вметна во законско решение. Сега, кога е на власт, истиот Мицкоски го менува ставот и ја урива оваа законска обврска на шверцерски начин, без консензус и по скратена постапка во Собранието – рече Тренчевска.
Таа обвини дека власта го узурпира судството и Јавното обвинителство, го партизира и го узурпира Министерството за внатрешни работи со нов закон што овозможува партиски луѓе да се поставуваат на клучни позиции во полицијата, контролира над 40 отсто од медиумскиот простор преку Орбановите медиуми, ја партизира МТВ…
– Ова е свесно уривање на механизмот за контрола и рамнотежа што беше договорен токму за да се спречи ваква концентрација на моќ во рацете на една партија. Техничката влада не е привилегија на опозицијата, таа е законска и демократска обврска до создавање на условите во општеството. Јавно повикуваме да се почитуваат овој закон и да не ги менуваат одредбите, да остане техничката влада. Укинување на техничката влада значи дека власта подготвува изборна кражба. Доколку власта продолжи на сила да ја турка оваа измена и биде изгласана денеска во Собранието, СДСМ ќе се повлече од работата за Изборниот закон – рече Тренчевска.
Министерот за правда Игор Филков преку соопштение обвини дека СДСМ свесно го блокира процесот на реформи во изборното законодавство, откако поради нивно отсуство била одложена четвртата седница на Работната група.
– Не може да зборуваме за фер и демократски избори, а истовремено да не учествуваме во процесот што треба да ги обезбеди тие стандарди. Демократијата подразбира дијалог, компромис и заедничка одговорност – изјави Филков.
Тој оцени дека СДСМ со ваквиот пристап ја блокира реформската агенда и го кочи европскиот напредок на државата и додаде дека ова не е прв ваков случај, потсетувајќи и на блокадата на Законот за Јавното обвинителство во Собранието.


