Загинатиот светски рекордер во маратон Киптум еден ден пред сообраќајката најавил сензационален резулат

EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Келвин Киптум во разговор со татко си, најавил дека е подготвен да ја истрча маратонската патека за 1:59 час, што би било првпат во историјата некој да истрча официјална маратонска трка за време под два часа

Светскиот рекордер во атлетската дисциплина маратон Келвин Киптум еден ден пред да загине во сообраќајна несреќа во Кенија, му најавил на татко си дека ќе го собори сопствениот светски рекорд и дека е способен да ја истрча маратонската патека за 1:59 час, што би било првпат некој да ја трча оваа дисциплина на официјална трка со време под два часа.

– Тој рече дека неговото тело е фит и дека може да трча за 1:59. Киптум беше моето единствено дете. Тој ме остави мене, неговата мајка и неговите деца. Немам друго дете. Неговата мајка беше болна некое време. Во моментов сум длабоко тажен – изјавил таткото на Келвин Киптум.

Киптум (24) и неговиот тренер, Жервеис Хакизимана од Руанда, загинаа во сообраќајна несреќа во неделата.

EPA-EFE/STR

Киптум возел кога автомобилот излетал од патот меѓу градовите Елдорет и Каптагат во западна Кенија. Автомобилот влетал во канал и удрил во дрво.

Киптум го собори светскиот рекорд во маратон на кениската легенда Елиуд Кипчоге на трката во Чикаго минатиот октомври, постигнувајќи време два часа и 35 секунди (2:00:35).

Киптум поседува три од седумте најбрзи резултати во маратон во историјата, откако истрча 2:01:53 на маратонот во Валенсија 2022 година, 2:01:25 на минатогодишниот Лондонски маратон и 2:00:35 во Чикаго минатата година.

Младата сензација требаше да трча на априлскиот маратон во Ротердам, на кој требаше да се обиде да го истрча првиот официјален резултат под два часа во историјата.

Тој требаше да го има своето олимписко деби на Игрите во Париз во август, спротивставувајќи му се на Кипчоге во она што требаше да биде пресметка меѓу двајцата најбрзи маратонци досега.

Инаку, Кипчоге ја истрча маратонската патека за време од 1:59:40 во Виена во 2019 година, но тоа не е признато како атлетски светски рекорд затоа што Кениецот не трчаше на официјална трка, туку помогнат од четириесетина „пејсмејкери“ само со цел да ја пробие бариерата од два часа.

Трагедија: Во сообраќајна несреќа загина најдобриот светски маратонец

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот