Заев смета дека предлогот на Мицкоски за технички министер за внатрешни е неуставен

Премиерот Зоран Заев по средбата во Владата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која се разговараше за предлог за технички министер за внатрешни работи изјави оти се работи за воено лице.

– Имајќи предвид дека Мицкоски даде изјава и не соопшти име, јас само ќе кажам дека за министер за внатрешни работи е предложено воено лице и оттука сега испаѓа дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува, Законот за служба во Армијата и Законот за служба во МВР. Нормално заради ова прашање ние ќе ја консултираме нашата стручна јавност, владината стручна експертиза што постои, но ја повикуваме и јавноста да даде свој став. Убаво е транспарентно да ги искристализираме ваквите работи, изјави Заев.

Тој рече дека немаат предрасуди за кандидатот, тоа е право на опозицијата и оти првпат го слушнал тоа име иако е полковник во Армијата.

– Но, секако Уставот, законите треба да важат во државата. Затоа имаме уште неколку денови. Јас и нашите советници од двете политички партии сме на отворени линии ова прашање навистина да се изнедри во јавноста. Ја повикувам стручната јавност, да го искристализираме предлогот за да може на крајот да не испадне да доведеме некој во состојба спротивно на Устав да генерира и формализира предлози пред Собранието заради тоа што Собранието на крајот може да донесе и непријатна одлука заради тоа што таму се пратениците тие коишто конечно и одлучуваат, рече Заев.

Истакна дека во понеделник ќе се знаат и останатите имиња во техничката Влада и изрази очекување принципот на нивен избор да биде етички, да не бидат гонети или под обвинение на јавни обвинителства во државата.

Тој рече дека е важно сите учесници во изборниот процес да бидат одговорни со цел да се обезбеди фер, демократски и регуларни избори.

– Кога зборувавме за кандидатите нормално ние разговаравме дека претседателот на опозицијата како предлагач треба да има предвид кога ги предлага кандидатите единствено да не бидат лица кои се под обвинение на јавни обвинителства во државата заради тоа што од прилика не е ниту етички, ниту би требало да биде дозволиво. Заради тоа останатите имиња освен името на кандидат за министер за внатрешни работи во понеделник во координација јас и Мицкоски ќе бидат соопштени веројатно тогаш и тие ќе ги соопштат имињата, изјави Заев.

Премиерот посочи дека на средбата го отвориле и прашањето за една изборна единица кој што беше даден од помалите политички партии во Собранието.

– Сакаме да направиме напори ова прашање кое што е на дневен ред и ќе продолжи да биде на дневен ред сигурно се до 12 февруари додека не се распушти Парламентот оти темата е отпочната во самото Собрание. Во духот на она што претставува напори на изнаоѓање на заеднички консензуални решенија разговаравме за можни варијанти. Еве сега да влеземе да го изгласаме законското решение да важи од следните парламентарни избори за тука да го најдеме компромисот, а отворените листи да важат за следните локални избори за да не има директен импакт како аргумент на опозицијата, посочи Заев.

Тој повтори дека СДСМ е на став дека треба да имаме една изборна единица, апелирајќи да се најде решение и на тоа прашање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот