Заев прими највисоко признание од Сојузот на борците

Фото: МИА

Сојузот на борците на премиерот Зоран Заев му врачи Повелба за долгогодишен и успешен придонес во поддршката и соработката со Главниот одбор на Сојузот и негово издигнување на достоинствено државно ниво.

Истакнувајќи дека е особено горд и благодарен што еден од неговите последни јавни настапи како претседател на Владата е средбата со претставниците на Сојузот на борците, премиерот Заев потенцира дека како член и продолжувач на традициите на слободарското антифашистичко движење и нивното наследство, останува неговата свечена обврска за понатамошна афирмација на големото, историско дело на храбрите борци на НОБ.

„Гордоста е голема“

– Гордоста е голема, но честа и денеска да бидам со вас е уште поголема. Уште повеќе, кога во година кога го одбележуваме значајниот јубилеј 80 години од Народното востание и секако 73 години од основањето на Сојузот на борците и сето тоа во рамките на 30- годишнината од независноста на нашата држава. Во бурни времиња на светската историска сцена вие презедовте историска улога. Препознавте дека пред вас е момент, кој не смее да биде пропуштен. Кренавте антифашистичко востание и ја поведовте Националната ослободителна борба, од која се роди и нашата држава. Држава, што на нејзината цел ја доведоа мажите и жените, припадниците на партизанските одреди на Народното антифашистичко ослободително движење, истакна премиерот Заев во своето обраќање на вчерашната средба со претставниците на Сојузот.

Упатувајќи искрена благодарност, за подвигот и остварувањето на непроценливото дело, односно македонската државност на генерацијата која го оствари вековниот стремеж и сон на многу претходни генерации, Заев на борците и борките и поддржувачите на нивното дело, им порача дека како премиер, секогаш настојувал овие средби да не бидат само формалност и протокол.

– Јас не можам да дозволам вашето дело, наследството кое што ни го оставивте да бидат одбележувани само како формалност. Секоја средба со вас мене ме инспирираше да си поставувам прашања: Како да го зачуваме она што го наследивме и како од Северна Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани? Такви прашања и насоки инспирира вашето дело, рече премиерот Заев.

Тој нагласи дека како резултат од подвигот на борците од НОБ, денес ја имаме Република Северна Македонија, меѓународно призната држава со сите постулати на државност, членка на Обединетите нации, членка на НАТО пред чие седиште во Брисел се виори македонското знаме и никој веќе не може да го оспори македонскиот јазик и македонскиот идентитет како посебност, автентична за овој народ и за оваа држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот