Забранети имиња во светот: Нутела, Робокап, Фејсбук или Луцифер не се опција

Фото: Пекселс/ Wikimedia Commons/ Пекселс

Откривањето дека ќе станете родител и дека ќе имате бебе е момент исполнет со емоции. Но, кога тој првичен шок ќе помине, време е да се започне со подготовките, почнувајќи од собата на бебето, преку нејзиното доаѓање во куќата, па сè до изборот на име.

Изборот на име може да биде покомплициран отколку што мислите бидејќи постојат одредени законски ограничувања.
Ако случајно живеете во САД, ќе имате апсолутна слобода во изборот на име. Секако, можеби нема да сакате вашето дете да има тотално „лудо“ име, но тоа е во рамките на вашите права.

На пример, во Њу Џерси родителите можат да дадат какво име сакаат, доколку тоа не е непристојно и не содржи бројки или симболи, пишува порталот „Травел енд лежр“(Travel and Leisure).

Сепак, истиот тој закон ви дозволува да го именувате вашето дете, на пример, Адолф Хитлер. Познат е бизарниот случај на семејството Кембел, кој заврши на суд во 2009 година. Родителите сакале слаткарот, на роденденската торта да го напише името на нивното дете – Адолф Хитлер Кембел, што овој одбил да го направи, па тужеле поради недостиг на услуга. Епилогот е дека слаткарот го добил случајот, имал право да одбие услуга, а родителите не морале да го менуваат името на своето дете.

„Ако Кембелови го нарекоа детето Р2Д2 (R2D2), властите ќе интервенираа. Но, Адолф Хитлер Кембел не претставува никаква пречка“, објасни Карлот Ларсон, професор по право на Универзитетот во Калифорнија.

И додека во САД ги имате овие слободи, од друга страна, во другите делови на светот ситуацијата е поограничена. Еве 10 интересни имиња за деца кои се забранети во некои земји.

Нутела е забранета во Франција

Со извинување до сите љубители на чоколадониот крем, името Нутела е забрането во Франција. Во 2015 година, францускиот суд им забранил на некои родители да ја именуваат својата ќерка по овој познат бренд. Нејзиното име сега е Ела.

Има само една „ИКЕА“ во Шведска

Можеби сте голем обожавател на производите на „Икеа“, но тоа не ви дава право така да го именувате вашето дете.

Акума не е пожелно име во Јапонија

Акума на јапонски значи „ѓавол“. Иако не е целосно забранет, властите ги охрабруваат родителите на своите деца да им дадат посоодветни имиња.

Заборавете на Луцифер во Нов Зеланд

За разлика од Јапонија каде што името што значи „ѓавол“ не е строго забрането, туку непожелно, во Нов Зеланд името Луцифер, како и голем број други потенцијално навредливи имиња, е апсолутно забрането.

Во Мексико не може да ве викаат Робокап или Фејсбук

Мексико ги забрани имињата Робокап и Фејсбук со изговор дека поттикнуваат насилство.

Во Португалија не се дозволени скратени имиња и прекари

Во овој случај, може да се викате Томас, на пример, но не и Том или Тома. Во Португалија не е дозволено скратените форми на имиња да се користат како официјални полни имиња.

Во Малезија не смеете да се викате Епл (Јаболка), но ниту Дуња, Цреша и Јагода

Малезија има прилично строги правила за имиња. Интересно е што властите на оваа земја во 2006 година исфрлиле бројни прекари и имиња со значење на овошје или зеленчук.

Во Италија, Венерди (петок) може да биде само ден во неделата

Кога еден маж се обидел да ја именува својата ќерка Венерда, што на италијански значи петок, му било кажано дека не може. Официјалните лица сметале дека името спаѓа во категоријата „смешни или срамни“ имиња.

Не постојат деца со имињата Гучи, Мерцедес и Шанел во Швајцарија

И Швајцарија има некои строги правила за именување. Така, не можете да именувате дете по веќе постоечки бренд.

Линда е апсолутно забранета во Саудиска Арабија

Во 2015 година, владата на Саудиска Арабија забрани голем број имиња кои ги сметаа за навредливи, вклучувајќи го и името Линда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот