За уверение на Правен факултет се чека со месеци, за диплома година и пол
Иако на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје веќе почнаа уписите на нови студенти, голем дел од веќе дипломираните студенти од сите насоки останаа со „нерасчистени сметки“ со факултетот, од каде повеќе од една година добиваат празни ветувања и лажни датуми кога ќе можат да ги добијат дипломите за завршен прв циклус од академските студии.
Препорачано
Пред неколку месеци се одржа последното свечено доделување на дипломи за студентите кои успешно го завршиле првиот циклус од академските студии, но таму не се најдоа многу студенти кои ги завршиле своите студии во разумниот и предвиден рок и продолжија да „мечтаат“ за својата заслужена црвена тутурутка, откако административните пречки не им дозволија да бидат дел од оваа церемонија. Овој настан се одржа првпат по половина деценија како резултат на ковид кризата, а според студентите, од факултетската управа им посочиле дека во една година имаат само два термина за доделување на дипломите, што звучи сосем разумно доколку Факултетот не е една година „назад“ и веќе со месеци доцни со нивното изготвување.
Капите фрлени во воздух, ама…
Дипломи добиле студенти од сите насоки, а секако најмногу од правните студии, кои во своите темносини тоги, по добивањето на својата церемонијална афирмација за завршување на студиите, се собраа пред бистата и заедно го направија познатото симултано фрлање на студентските капи во воздух.
За жал, по завршувањето на церемонијата, голем број дипломирани студенти кои не биле повикани на доделувањето го контактираа „Слободен печат“ и ги објаснија сите проблеми со кои се соочувале во текот на студиите, особено административните, кои земале најголем замав кога најмалку очекувале, по положувањето на последниот испит.
Студентка ни раскажа за, како што вели таа, долгите патешествија кои ги имале студентите по новинарство при добивање на Уверението за завршен прв циклус студии, навистина значаен документ кој е потребен при апликација за постдипломски студии, тука или во странство, различни стипендии и студентска помош.
– Оваа „хајка“ ја имаа речиси сите студенти на факултетот, независно од која насока доаѓаат. Добивањето на ова Уверение го чекавме со месеци по положувањето на последниот испит од последниот семестар на нашите студии – вели таа.
Студентка од правните студии, пак, вели дека поради тоа што навреме не го добила Уверението, не го стигнала рокот за пријава за студентска стипендија, за која патем ги имала исполнето сите услови, како просек и дополнителни воннаставни активности, но таа не влегла ниту во првиот круг од „борбата“ за оваа стипендија токму поради, како што вели, најбаналната, административна причина – доцнење при изготвување на овој документ.
Како најчеста причина за задоцнетото изготвување на Уверението било наведувано отсуството на испитни пријави, кои студентите ги купуваат и пополнуваат пред полагањето на сите испити, бидејќи без нив е невозможно да се полага кој било предмет.
Од Службата за студентски прашања ја префрлале топката кај професорите и велат дека пријавите не им биле доставени, додека професорите тврдат дека пријавите се доставени до студентската служба, каде најверојатно се загубиле низ илјадниците документи и ги насочуваат студентите „чарето“ повторно да го бараат таму, а во цела оваа брканица ситуацијата останува непроменета – студентите немаат Уверение.
Гледајќи дека нема надеж, студентите повторно купуваат нови пријави за веќе положените предмети и по вторпат ги пополнуваат, за потоа да ги бараат професорите низ факултетската зграда за да добијат нов потпис со цел забрзување на веќе закочениот процес.
По целата оваа борба, студентите го исполнуваат своето досие и дури тогаш студентската служба го почнува изготвувањето на Уверението за завршен прв циклус студии, за кое дел од студентите чекале да го добијат со месеци.
„Радио-тишина“ од Факултетот за дипломите, студентите се постојано излажани
„Слободен печат“ со месеци се обидуваше да ги исконтактира надлежните продекани и советници за студентски прашања при Правниот факултет, барајќи одговор зошто е толку долго чекањето за дипломите на студентите, кога ќе биде следниот термин за доделување стипендии и како ќе го надоместат изгубеното време на студентите кои речиси цела година ја чекаат својата диплома, но оттаму ниту еднаш не добивме официјален одговор, иако голем број студенти постојано ги контактираат, така што Факултетот е веројатно добро запознаен со овој проблем, но не сака да зборува.
Поради доцнењето на подготовката на овој документ, голем број студенти немаа можност да присуствуваат на церемонијата, бидејќи не влегле во списокот на дипломирани студенти кои ја имаат уредната документација за добивање на Дипломата, но речиси една година подоцна од положувањето на нивниот последен испит, документот сѐ уште не им е в рака.
На последното доделување дипломи пред неколку месеци за студенти кои уште лани го завршиле првиот циклус студии, за жал, не се најде ниту еден од малкумината дипломирани студенти по новинарство кои, исто така, успешно ги завршиле студиите во тој период.
Во разговор со дел од дипломираните студенти по новинарство без диплома, тие го искажаа својот револт поради тоа што не добиле мејл за потврда за присуство на церемонијата за доделување дипломи, а речиси сите од нив ја контактирале и Службата за студентски прашања при Правниот факултет, барајќи одговори.


