За тензиите во Чашка се огласија од МОН: Непотребно е мешањето на политиката

Министерството за образование и наука (МОН) смета дека е непотребно мешањето на политиката во случајот во училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка каде дел од родителите на учениците поддржани од жителите и наставниците ја бојкотираат наставата и бараат МОН да ја укине новоформираната паралелка на албански наставен јазик.

„МОН се заложува за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик, затоа што тогаш воспитно – образовниот процес е најефикасен и ефективен. Во посоченото училиште во Чашка е постапено согласно барањата на дел од жителите во населеното место и имајќи предвид дека сите останати услови се исполнети, а најважно е што постојат и просторни услови, како и обезбедени се средства од Министерството за финансии, се отвори паралелка на албански наставен јазик“, велат од МОН.

Нагласуваат дека е непотребно мешањето на политиката во овој и слични случаи, затоа што, како што посочуваат, со тоа се наштетува на најдобрите интереси на младите – а тоа е да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик.

Во Полициската станица во Велес, пак, вчера во 13:30 часот, в.д директорката на ООУ „Тодор Јанев“ во населба Чашка, Елена Николова (53), пријавила дека утрото пред влезот на училиштето каде се одржувал јавен собир на група на граѓани, била физички нападната од едно лице.

Како што денеска информира портпаролот на СВР Велес, Билјана Ѓаковска, се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Инаку веќе четврта недела родителите на учениците поддржани од жителите и наставниците ја бојкотираат наставата, а децата седат дома. Тие имаат единствено барање до МОН да ја укине новоформираната паралелка на албански наставен јазик, а четирите првачиња да се вратат на настава со своите другарчиња Македонци со кои учеа заедно од 1 септември. Се жалат дека директорката Николова одбива да разговара со нив, а тие не и дозволиле да влезе во училиштето, информираат за МИА од Советот на родители.

Како што појасни Цвета Пешовска родител и член на Советот на родители, директорката Николова сепак во два-три наврати од родителите била пуштена во училишната зграда. Според Пешовска, директорката и самата влегувала во училишната зграда уште рано во 5 часот наутро, пред во дворот да дојдат родителите на мирен протест.
В.д директорката Елена Николова денеска не се појавиле во дворот на училиштето, информираат од Советот на родители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот