Собрание / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

За шест години само за камати треба да се вратат 2,7 милијарди евра

Опозицијата не ја поддржува Фискалната стратегија за периодот од 2027 до 2031 година. Битиќи вели дека државата со документ ја легализира фискалната недисциплина.

Пред пратениците во Собранието се најде Фискалната стратегија за периодот од 2027 до 2031 година. Заедничко за сите што зедоа збор од собраниската говорница беше дека ова е многу важен документ, кој среднорочно ги утврдува насоките и целите на фискалната политика, основните макроекономски проекции, проекциите за приходите и за расходите во наредните години и за буџетскиот дефицит. Но, додека за Министерството за финансии, Фискалната стратегија е комбинација на добрите политики на сегашната Влада и наследените големи долгови од претходната влада, за опозицијата токму со овој документ се легализира фискалната недисциплина на Владата што предвиде буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП за годинава и за идната година, што е спротивно на законската регулатива што предвидува ограничување до 3 проценти.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски нагласи дека во новата фискална стратегија се огледуваат фискалната одговорност и дисциплина и фазна консолидација без нагли промени што може да предизвикаат шокови. Истовремено, според Јанкуловски, Стратегијата ја задржува социјалната компонента и социјалната праведност.

– Владата на седница одржана на 21 април ги усвои фискалните проекции за периодот од 2028 до 2031 година врз основа на постојното законодавство, врз основа на правилото за фискален дефицит, додека во 2027 година поради надворешни влијанија и ризици со пролонгирано дејствие, предвидено е буџетскиот дефицит да отстапува за 0,5 проценти и да изнесува 3,5 проценти – рече Јанкуловски.

Според пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи, „со други зборови, Стратегијата ја легитимира фискалната недисциплина на оваа влада“.

– Во Фискалната стратегија пишува дека приходите за 2026 година ќе бидат 374,9 милијарди денари, а расходите 414,1 милијарди денари, со што ќе имаме дефицит од 39,2 милијарди денари, или 3,5 проценти од БДП. Истите се предвидувањата и за 2027 година – дефицит од 3,5 проценти од БДП. За годинава, до 21 мај, буџетскиот дефицит е реализиран 77 проценти. Стратегијата не нуди решение за фискалниот ризик. Капиталните проекти се користат само како алиби за буџетскиот дефицит, доколку не видиме врска меѓу нив и економскиот развој – рече Битиќи.

Тој особено нагласи дека нивото на камати е многу високо и дека во периодот од 2026 година, заклучно со 2031 година, само за камати ќе треба да се вратат 2,7 милијарди евра.

– Во 2026 година е планирана исплата на камати за 360 милиони евра, во 2027 година за 397 милиони евра, во 2028 година – 421 милион евра, во 2029 година – 485,8 милиони, во 2030 година – 537 милиони евра, а во 2031 година – 555 милиони евра – рече Битиќи.

Тој откри свое сознание дека „Владата молчи дека ЈПДП преговара со комерцијални домашни банки за 300 милиони евра“.

– Го слушнавте тоа. Не! Наскоро ќе го слушнете! – рече Битиќи.

Тој рече и дека Владата молчешкум ја коригирала стапката за инфлација за годинава од 3,9 на 4,5 проценти.

– Не ја доживувам Стратегијата како патоказ на развој, туку како документ што ја легализира финансиска недисциплина. Ни јас ни пратеничката група не можеме да ја поддржиме – заклучи Битиќи.

Сања Лукаревска од СДМ се придружи кон критиките.

– Фискалната стратегија 2027-2031 место на структурни промени се темели на надеж дека бруто-домашниот производ ќе расте повеќе од задолжувањето и нема одговор како ќе се амортизираат ценовните шокови. За јавниот долг има оптимистички процени од 62 на 58 проценти, но тоа не се темели на структурни реформи. Капиталните инвестиции постојано имаат слаба реализација, а платите и пензиите растат, па задолжувањата се одржување на потрошувачката наместо да се создава модел на економски раст – рече Лукаревска.

Таа вели дека во Стратегијата нема сериозен механизам за заштита од инфлаторни и енергетски шокови.

Заменик-министерот за финансии им одговори на Битиќи и на Лукаревска дека тие држат предавање, а во нивно време се постигнал просечен економски раст од 1,9 проценти, додека откако тие дошле на власт, просечниот раст е 3 проценти.

 

Битиќи ја нарече Димитриеска – Кочоска фејсбук-инфлуенсерка во обид

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот