За првпат детектирани: Научниците снимија мини-молњи на Црвената планета
Роверот „Персеверанс“, кој беше лансиран на Марс од американската вселенска агенција НАСА, испрати докази до Земјата дека атмосферата на таа планета е електроактивна, детектирајќи електрични празнења, или според еден научник „мини-молњи“, т.е. феномени поврзани со вртлози за време на песочни бури на површината на Црвената планета.
Препорачано
Роверот на НАСА со шест тркала, кој ја истражува површината на Марс од 2021 година на локација наречена кратер Језеро на северната хемисфера на планетата, ги регистрираше овие електрични празнења во аудио и електромагнетни верзии, потврдија истражувачите, пренесува „Ројтерс“.
– Ова е првата документирана електрична активност во атмосферата на Марс. Овие празнења претставуваат големо откритие, со директни импликации за атмосферската хемија, климата, погодноста за живеење и иднината на роботските и човечките истражувања на Марс – изјавил професорот Баптист Сид од Институтот за истражување на астрофизиката и планетологијата во Франција, главен автор на студијата објавена во списанието „Природа“.
Истражувачите анализирале 28 часа снимки снимени од роверот во текот на две марсовски години и откриле 55 електрични празнења, најчесто поврзани со вртлози за време на песочни бури.
– Не откривме класична молња, туку мала искра, можеби долга неколку милиметри. Не е баш молња. Звучеше како искра или пукање на камшик – рекол коавторот на студијата, Ралф Лоренц, од Лабораторијата за применета физика на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Мериленд.


