За подобро и поефикасно лекување на пациентите со ковид-19: Швајцарска донација на респиратори во прилепската болница

Прилепската болница доби швајцарска донација од 20 респиратори-вентилатори што се особено важни во лекувањето на ковид-пациентите, особено на оние со потешка клиничка слика. Донацијата е од Дејан Аџиоски, кој живее и работи во Швајцарија, и доаѓа како последицва на неговите блиски контакти со швајцарската фирма за медицинска опрема БЦД „Микротехник”.

– Ова е многу значајна донација за пациентите со потешка клиничка слика, а ќе се користи и по пандемијата, главно, на интерното одделение, вели директорот на прилепската градска болница „Борка Талески”, Драган Богојески.

 – Со овие респиратори ќе обезбедиме доволен внес на кислород и подобрување на сатурацијата на пациентите кои се лекуваат од ковид-19. Апаратите соодветно ќе се распределат на сите ковид-оддели за пациентите со потешка клиничка слика, изјави Богојески.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски е благодарен на донацијата, која е прва во земјава од оваа швајцарска фирма. При денешната видео комуникација со соптвеникот на фирмата, Седрих Пахут и со нашинецот Аџиоски, се заблагодари на донацијата и се надева на идна соработка.

– Ова е големо добротворно дело за Прилеп и за граѓаните. Опремата ќе помогне на сите кои поминуваат со ковид-19, особено е битно зашто Прилеп е меѓу градовите со голем број случаи. Ова ќе го олесни лекувањето, рече Јованоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот