Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

За плати и пензии ќе отидат над 40 отсто од буџетот за 2026 година

Сите социјални трансфери, сосе пензиите во 2026 година ќе изнесуваат 3,35 милијарди евра, или точно половина од буџетот. Ваквата социјална димензија не е ништо ново, но сепак има мал тренд на зголемување. И за оваа година социјалните трансфери се речиси половина буџет, поточно 49,8 проценти. Во 2024 година тие биле 48,9 проценти, во 2023 година – 46,7 проценти.

Во Буџетот на РСМ во наредната година треба да се слеат 6 милијарди евра, истовремено е планирано да се потрошат 6,7 милијарди. Предлог-буџетот за 2026 година е доставен во Собранието на 3 ноември, а пратениците имаат рок од 20 дена да го разгледаат и да подготват амандмани пред да дојде на собраниска комисија.
Бројките покажуваат дека 28,2 проценти од сите пари што се планираат да се потрошат од државната каса ќе одат за пензии. Износот е 1,9 милијарди евра, но 1,4 милијарди евра се од собраните приноси, што значи дека државата мора да додаде 500 милиони евра. За плати и надоместоци ќе се потрошат 855,6 милиони евра. Практично, само овие две ставки: плати и пензии, ќе ја минусираат расходната страна за над 2,7 милијарди евра, што е 40,7 проценти од сите наменети трошоци од државната каса.
Сите социјални трансфери сосе пензиите во 2026 година ќе изнесуваат 3,35 милијарди евра, или точно половина од буџетот. Ваквата социјална димензија не е ништо ново, но сепак има мал тренд на зголемување. И за оваа година социјалните трансфери се речиси половина буџет, поточно 49,8 проценти. Во 2024 година тие биле 48,9 проценти, во 2023 година – 46,7 проценти.

 За капитални расходи 9,7 проценти

Од платите што се исплаќаат во јавниот сектор и од пензиите зависи огромен дел од населението, но тие не може да донесат развој. Како ќе се движи нашата економија во иднина, зависи од развојни проекти и од капитални инвестиции. Во Буџетот за 2026 година за капитални расходи се наменети 654 милиони евра, или 9,7 процент од она што е планирано на расходната страна на државната каса. Но, факт е дека од она што е планирано за годинава не може да се исполни – до 4 ноември реализацијата на капитални расходи е 45,7 проценти.
Во 2026 година, барем според Предлог-буџетот ќе се работи на автопатската делница Кичево – Букојчани, Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола, ќе се проширува автопатот Тетово – Гостивар. Има пари и за пругата кон Бугарија, ќе се гради нова железничка станица на Табановце, за регионални системи за управување со отпад. Преку ИПА-средства ќе се поддржи рехабилитација и надградба на канализациска мрежа и изградба на пречистителни станици во Битола и во Тетово, а на хартија има и многу други проекти.
Во расходната структура значајна ставка се и расходите за стока и услуги и таа изнесува 453,6 милиони евра.
Трансферите до единиците за локална самоуправа се планирани во износ од речиси 600 милиони евра наменети за финансирање на пренесените надлежности на општините и дотација до општините од приходите од данокот на додадена вредност.

„Предвидена е финансиска поддршка и соработка на Владата со општините што ќе биде насочена кон континуирано инвестирање на средства од централниот буџет за капитални инфраструктурни проекти во општините, зголемување на финансиската стабилност на општините преку овозможување фер распределба на средствата, во согласност со начелата на рамномерен регионален развој, поволности и стимулација за општините што имаат планирани буџети, висок степен на реализација, како и висок степен на наплата на локалните даноци и подобрена методологија за пресметка на трошоците за тековно одржување“, пишува во Предлог Буџетот.

Планирана поголема „жетва“ на ДДВ за 6,7 проценти

 

Овој буџет е поголем за 3,5 проценти на приходната страна од Буџетот за 2025 година и 2,6 проценти на расходната страна.

„Растот на приходите е проектиран врз основа на очекуваниот раст на БДП, како и врз поволните движења на клучните макроекономски индикатори, вклучувајќи го зголемувањето на приватната и јавната потрошувачка, растот на номиналните плати и вработеноста, како и ценовни движења, што би овозможило зголемување на даночната основа“, пишува во Предлог-буџетот за 2026 година.

Во документот е појаснето дека оптимизмот за поголеми приходи се темели на борбата со сивата економија, дигитализација на даночните процедури, воведување на е-фактура. Позитивни фискални ефекти се очекуваат и поради донесениот Закон за минимален глобален данок на добивка во јануари 2025 година.

На приходната страна, секако, најголема ставка се собраните даноци. Државата наредната година планира да собере речиси 3,5 милијарди евра од даноци, што е 58 проценти од сите приходи. Вообичаено, најголема даночна ставка е ДДВ и е планирано да се собере 1,5 милијарди евра, или 6,7 проценти повеќе отколку планот за годинава.

„За 2026 година, приходите од ДДВ се проектирани на 92,5 милијарди денари што се засновани на предвиденото зголемување на потрошувачката, како резултат на реално расположливиот доход. Исто така, во периодот што следува планирано е зголемување на приходите по основ на данок на додадена вредност поради измените и дополнувањата во Законот за данокот на додадена вредност и воспоставување на терминот „даночен застапник“, како и продолжување на усогласување на Законот за ДДВ со ЕУ Директивата за ДДВ. Овие приходи ќе учествуваат со 43,2% во вкупните даночни приходи и со 8,3% во БДП“, пишува во Предлог-законот.

Неданочните приходи за 2026 година бележат пад за 5,1 процент и изнесуваат 472,5 милиони евра.

Со Буџетот за 2026 година ќе си дозволиме да потрошиме 638 милиони евра повеќе отколку што ќе собереме пари. Згора на тоа се долговите што треба да ги вратиме.

 

Ќе позајмиме 1,9 милијарди евра

Догодина ќе се задолжиме со 1,9 милијарди евра за да ги вратиме старите долгови и да ја пополниме дупката меѓу планираните приходи и расходи. Покрај буџетската дупка од речиси 634 милиони евра имаме и отплата на долгови од 1,2 милијарди, од кои 892,6 милиони евра надворешни, а 323,6 милиони евра домашни задолжувања.
За наплата стигнува еврообврзницата од 2020 година во износ од 700,8 милиони евра, како и обврските кон меѓународните финансиски институции: 50,4 милиони евра кон ММФ, 53,6 милиони евра кон Светска банка и 35,7 милиони евра кон ЕБРД.
Пари планираме да најдеме и на меѓународниот и на домашниот пазар. На меѓународниот пазар во игра е еврообврзница и други видови заеми, а планирано е вкупно задолжување од околу 1,3 милијарди евра, додека на домашниот пазар, ќе се обезбедат околу 560 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот