За конфликтот во Нагорно Карабах е виновна Турција

Претходно ерменското Министерство за надворешни работи тврдеше дека „турски инструктори војуваат“ во Нагорно Карабах од азербејџанска страна. Покрај тоа, соопштено е дека има докази дека Анкара регрутира платеници „во некои земји од Блискиот Исток”.

Советот за безбедност на Обединети нации(ОН) на барање на европските држави за вчера имаше закажано итна седница, а единствена точка на дневниот ред беше состојбата во Нагорно Карабах, каде што во тек е судирот помеѓу ерменската и азербејџанската војска.

Во пресрет на состанокот, ерменскиот премиер Никол Пашинјан телефонски разговараше со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за состојбата во спорниот регион Нагорно Карабах.

Никол Пашинјан подвлече дека сегашната ескалација, за разлика од изминатите години, се карактеризира со многу активна и пристрасна позиција на Турција и нејзино директно дестабилизирачко присуство во акциите на Азербејџан – се вели во соопштението издадено од Владата на Ерменија.

Како што пренесува агенцијата ТАСС, Гутереш изразил длабока загриженост за актуелната криза и случувањата, посочувајќи на потребата од продолжување на мировниот процес во рамките на групата на ОБСЕ од Минск.

Шефот на ОН разговараше и со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, повикувајќи на итен прекин на огнот во Нагорно Карабах.

Претходно, ерменското Министерство за надворешни работи тврдеше дека „турски инструктори војуваат“ во Нагорно Карабах од азербејџанска страна. Покрај тоа, соопштено е дека има докази дека Анкара регрутира платеници „во некои земји од Блискиот Исток“.

Портпаролот на генералниот секретар на ООН, Стефан Дижарик, изјави дека организацијата не може самостојно да ја потврди вистинитоста на ова тврдење дека Турција се меша во конфликтот околу Нагорно Карабах и повика да одобри пристап до набљудувачката мисија на ОБСЕ во зоната на конфликтот.

Ерменија и Азербејџан со децении се борат за Нагорно-Карабах, област претежно населена со Ерменци, која за време на СССР беше припоена кон Азербејџан.

Во судирите за контрола врз Нагорно Карабах во периодот од 1988 до 1994 година загинаа 30.000 луѓе, а повеќе стотици илјади луѓе ги напуштија своите домови. Во 1994 година потпишано е примирје, но Баку и Ереван не се договорија за правниот статус на спорната област, која официјално и понатаму е дел од Азербејџан. Оттогаш има спорадични судири во Нагорно Карабах, што се наоѓа помеѓу Иран, Русија и Турција.

Двете страни се убиваат со српско оружје

Српскиот портал Нова.рс објави дека војниците на Азербејџан и на Ерменија, кои војуваат околу спорната територија Нагорно Карабах, меѓу другото „меѓусебно се убиваат со српско оружје, бидејќи Србија, некогаш јавно, некогаш тајно, им продавала оружје на двете страни“.

Амбасадата на Азербејџан во Белград соопшти дека сите акции преземени од оваа земја во судирот со Ерменија се во рамките на нејзините сопствени меѓународно признати граници и дека очекува Србија да биде на нејзина страна во конфликтот.

– Имајќи предвид дека Азербејџан ја поддржува позицијата на Србија за Косово на меѓународната сцена од 2008 година и повикувајќи на постојана и истовремена меѓусебна поддршка на Декларацијата за пријателски односи и стратешко партнерство меѓу Азербејџан и Србија и Акциониот план за заедничко стратешко партнерство, Азербејџан очекува српската страна да даде поддршка и да даде изјава за ова прашање – се вели во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Азербејџан изрази длабоко разочарување и збунетост поради сознанијата дека Србија продала големи количини минофрлачи и друго оружје од различни калибри во Ерменија, која потоа ова оружје на 12 јули го користела во напад врз азербејџанските полицајци на границата меѓу двете држави.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ги отфрли наводите дека во судирот меѓу Ерменија и Азербејџан се користи оружје од српските воени фабрики, но призна дека српска муниција користи и едната и другата страна.

– Се наслушав секакви гадости во последните 48 часа, како безмалку Србија е виновна за тој судир. Нема таму никакво српско оружје, ние само и на едните и на другите им продававме муниција, зошто тоа беше дозволено и зошто имавме енд јузер сертификат. Но, топови, тенкови, беспилотни летала и авиони – ништо од тоа не е наше, рече Вучиќ.

Ерменија може да смета на руска помош

Ерменија е подготвена да побара дополнителна воена помош од Русија, но во моментот не гледа причина тоа да го направи, изјави ерменскиот амбасадор во Москва, Вардан Тогаљан.

Тој додаде дека Ереван и Москва продолжуваат да ја интензивираат одбранбената соработка.

– Веруваме дека ако има потреба, ќе побараме од Русија дополнителна воена помош. Ние веруваме дека Русија има главна улога на Кавказот и е способна да ги употреби политичките методи за да го запре крвопролевањето – посочи Тогањан.

После цели 26 години Ерменија и Азербејџан повторно влегоа во војна, што е причината сега да завојуваат?

АНАЛИЗА: Кој би победил во војната меѓу Азербејџан и Ерменија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот