За кого ќе бидат наместени изборите за член на ДИК?

Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

 Неизвесно е дали владините партнери СДСМ и ДУИ ќе го поддржат предлогот на коалицискиот партнер Алијанса за член на ДИК или, како што предвидува Изборниот законик, тој да биде од опозициската албанска партија. Ова може да предизвика дополнителна неизвесност за комплетирањето на ДИК, која е клучна за спроведување на претстојните избори.

По несогласувањето на власта и опозицијата околу терминот на претстојните претседателски и парламентарни избори што треба да се одржат в година, на повидок е нов курцшлус околу изборот на член на Државната изборна комисија (ДИК). Додека работите се заглавени околу иницирањето на работна група за датумот на изборите, нов проблем, според информации на „Слободен печат“, ќе биде доекипирањето на ДИК, откако Алијансата за Албанците (АА) најави дека не се откажува од столчето во Комисијата, иако здружената албанска опозиција веќе номинираше кандидат за испразнетото место откако Кренар Лога од АА стана министер за правда. АА не само што ќе предложи свој член во изборната комисија, туку очекува тој да биде и избран, затоа што еднаш веќе е направен преседан со член на Беса во 2020 година.

Алијанса: Ако можеше Беса, можеме и ние

„Слободен печат“ веќе објави дека на огласот за избор на нов член на ДИК, кој Собранието треба да го распише идната недела, освен Беса, свој кандидат ќе номинира и Алијанса за Албанците, што Лога ни го потврди лично.

– Алијанса за Албанците ќе има свој кандидат и најверојатно член на ДИК, бидејќи Беса веќе направи таков преседан – изјави министерот за правда Кренар Лога за „Слободен печат“.

Партиските органи на АА синоќа дискутирале за кандидат во ДИК, но допрва ќе го утврдат кадровското решение. На огласот ќе конкурира и кандидатот од здружената албанска опозиција, односно генералниот секретар на Беса Абдуш Демири.

Според Изборниот законик, ДИК брои седум члена, од кои претседател и член од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, три члена од владејачката СДСМ, заменик-претседател од ДУИ и еден член од албанска опозициска партија, која на последните избори освоила најмногу гласови. До изборот на Лога за министер пред осум месеци, тој како претставник на опозициската АА беше член во ДИК, но бидејќи Алијанса стана владејачка партија, местото во ДИК треба да го пополни претставник од Беса. Алијанса не сака да ја отстапи фотелјата во ДИК, бидејќи, според нив, на изборите во 2020 година, членот на Беса останал во ДИК како претставник на опозицијата, иако Беса на парламентарните избори настапила на заеднички листи со СДСМ и направиле Влада. Од Беса, пак, велат дека нивниот член останал и по победата на изборите во 2020 година, бидејќи за неколку месеци истекувал мандатот на ДИК, но и дека по изборите Собранието не било конституирано за веднаш да огласат избор на член на Комисијата.

Ако се знае дека за избор на член на ДИК е потребно двотретинско мнозинство, тогаш јасно е дека во пресрет на претседателските и на парламентарните избори допрва ќе има тензии и турбуленции за избор на новиот член, односно за доекипирање на највисокиот изборен орган. Оттука неизвесно е дали владините партнери СДСМ и ДУИ ќе го поддржат предлогот на коалицискиот партнер Алијанса за член на ДИК или, како што предвидува Изборниот законик, тој да биде од опозициската албанска партија. Ова може да предизвика дополнителна неизвесност за комплетирањето на ДИК, која е клучна за спроведување на претстојните избори.

Според здружената албанска опозиција, можно е да се одолжува изборот на нов член на ДИК поради политички игри меѓу ДУИ и Алијанса за Албанците. Опозиционерите стравуваат од можно сценарио Алијанса да излезе од Влада пред формирањето на техничката влада, со тоа повторно да биде опозиција и да го задржи местото во ДИК. На тој начин, според албанските опозиционери, ДУИ како владејачка партија, преку партијата на Арбен Таравари, ќе контролира еден член повеќе во ДИК.

Ковачевски: Датумот ќе го договорат парламентарните партии

Премиерот Димитар Ковачевски и вчера беше дециден дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат во редовниот термин, но не одговори дали е прифатливо да се одржат помеѓу верските празници Рамазан и Велигден, како што предложи опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Ковачевски рече дека датумот ќе го договорат парламентарните партии во Собранието.

– Што се однесува до изборите, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски прави замена на тези. Тој зборуваше дека ќе има предвремени избори, јас зборував за редовни избори и на крајот ќе имаме редовни збори. Тоа значи дека тоа што јас сум го зборувал останало како од првиот ден кога разговаравме за изборите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ две години зборуваше, на секои три месеци, дека само што не се случиле предвремени избори, што де факто и де јуре не се случи. За самиот датум на избори, тој ќе треба да биде договорен со сите партии во Собранието. Тој процес ќе биде во наредните недели и месеци отворен и кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение за сите, тогаш ќе може и да почнат роковите и организацијата на изборите – изјави Ковачевски.

Според опозицијата, двојните избори ќе заштедат пари бидејќи еден изборен циклус чини околу девет милиони евра и се гаранција дека ќе биде постигнат цензусот од 40 отсто за избор на претседател на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот