За една година 76 напади и каснувања од куче пријавени во Агенцијата за храна

Николче Бабовски - директор на АХВ / Фото: ,,Слободен печат'' / Методиј Здравев

За една година во Агенцијата за храна имало 76 претставки за каснување и напад од улични кучиња. Бројката се зголемува од година во година, а само за првите три месеци годинава пријавени се 24 каснувања. Како причина за ова се наведуваат неодговорното сопствеништво и ниската свест кај граѓаните кои земаат да чуваат куче без да се свесни за одговорностите за тоа. Директорот на Агенцијата Николче Бабовски за Слободен печат вели дека како институција сведоци се на голем број претставки кои граѓаните ги упатуваат до нив, а се однесуваат на проблеми со каснувања од кучиња.

-Минатата година до Агенцијата граѓаните пријавиле 76 напади и каснувања од куче, претставки скоро секојдневно на адресата на АХВ пристигнуваат и годинава. Од почетокот на годинава досега, до АХВ се поднесени вкупно 98 претставки, од кои 24 се однесувале на напад и каснување од куче. Агенцијата точно ја има дефинирано постапката за пријавување на каснување од куче по која постапуваат инспекторите- вели Бабовски.

Кучиња, Фото: МИА

Доколку граѓанин е каснат или изгребан од куче или мачка веднаш треба да се јави во најблиската здравствена установа за лекување на настанатите повреди. Веднаш треба да пријави телефонски на надлежниот официјален ветеринар од општината каде се случило каснувањето. Сите потребни информации за тоа како треба да се постапи во ваков случај, вклучително и листата на надлежни официјални ветеринари за постапување се објавени на интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Неодговорното сопственичтво за жал останува најголем проблем и извор на бездомни кучиња и покрај законска рамка која предвидува казна за напуштање на домашни миленици. Сведоци сме најмногу на социјалните мрежи на секојдневно напуштање на миленици, најмногу кучиња. Тешко е да се идентификуваат лицата кои напуштаат домашни миленици. Граѓаните ретко пријавуваат сторители на вакви или слични прекршочни дела, но, доколку истите бидат „фатени“ или се идентификуваат, тогаш делото е казниво како прекршок по основ на Законот за заштита и благосостојба на животните- вели Бабовски.

Законот за заштита и благосостојба на животните забранува напуштање на домашните миленици. Казната за напуштање на домашен миленик за правно лице изнесува 500 евра во денарска противвредност и дополнителни 30 проценти од предвидената казна за одговорното лице во правното лице. За физичките лица казните за напуштање на миленик се движат од 50 до 75 евра во денарска противвредност.

кучиња
Бездомни кучиња / СП. архива

– Во поглед на подигнување на јавната свест за одговорното сопствеништво, во неколку наврати Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе неколку медиумски кампањи. Преку постери, видео спотови, гостувања во медиумите и спроведување на едукативни работилници со најмладите децата од повеќе градинки и основни училишта во Скопје и ширум земјава, АХВ како одговорна институција и за здравствената заштита и благосостојбата на животните, почнувајќи од најмладите ја пренесе пораката на кампањата за одговорно сопствеништво, која кај нас, неколку години по ред се спроведуваше како дел од голем регионален проект за подигнување на јавната свест за одговорно сопствеништво насловен – „ На својот миленик можеш да му кажеш се, освен збогум“- вели Бабовски.

Тој објаснува дека за жал, напуштањето на домашни миленици е постојан проблем. Тешко се утврдува дали некое куче кое не е микрочипирано, а се затекне на улица, било домашен миленик или не.

Кучиња на фонтаната на плоштад / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

-Доколку се докаже дека се работи за напуштен домашен миленик, законот предвидува прекршочна санкција доколку се најде сопственикот на кучето/мачето.Стерилизацијата на домашните миленици кои се чуваат дома сега не е задолжителна, но, е еден од темелите на одговорно сопствеништво. Една од стратешките цели на АХВ е донесување на Законот за измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните каде се регулира држењето на репродуктивно способен миленик, односно ќе се стави под контрола неконтролираното размножување- вели Бабовски.

Измените предвидуваат и регистрирање на одгледувачниците на домашни миленици, со што значително ќе придонесе во воспоставувањето на контрола на неконтролираното размножување.

Агенцијата за храна и ветеринарство има воспоставено соработка со другите државни органи кои се надлежни да постапуваат во вакви случаи (МВР, локалните самоуправи и сл). Микрочипирањето е задолжително.

-Ветеринарите не смеат да вакцинираат домашен миленик од видот куче или мачка и да му издадат пасош за миленик без да го микрочипираат, а податоците за него имаат обврска да ги внесат во Информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство- Бабовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот