Вучиќ: Во Белград се дојдени двајца снајперисти, три дена трагаме по нив
Владата на Србија има безбедносни и разузнавачки податоци, според кои во Белград се присутни двајца снајперисти, за кои се верува дека пристигнале со финансиска поддршка, чиј извор е познат на надлежните служби, рече српскиот претседател, Александар Вучиќ синоќа во телевизиско гостување.
Препорачано
Сепак, не прецизираше, што би можело да биде нивната цел.
Полицијата и разузнавачките институции интензивно ги бараат, но вели дека не можат да ги пронајдат веќе три дена.
„Во претходните денови и недели имавме разни безбедносно-разузнавачки податоци кои не беа наивни. Дури и не ја информиравме јавноста. Не сакавме да зборуваме“, кажа тој.
Сепак, верува дека надлежните служби ќе успеат да го решат овој случај.
Вучиќ нагласи дека владата нема да дозволи надворешно влијание или употреба на насилство како средство за промена на поредокот.
„Но, тоа е нивниот единствен пат, немаат друг начин. Не можат да ја поколебаат мојата волја, не можат да ме победат на изборите и тоа го знаат многу добро“, рече српскиот претседател.
Зборувајќи за вчерашните инциденти во шаторската населба пред Домот на Народното собрание, тој рече дека луѓето во Пионирски парк „биле нападнати без каква било причина“, и дека вчера биле нападнати седум простории на СНС во Србија.


