Втора изведба на кабарето „Животот е…“ во режија на Наташа Поплавска во НОБ

По успешните мјузикли „Чикаго“ и „Мама миа“, во кои македонската публика уживаше изминатите години, а по двегодишна пауза во која светот застана, Наташа Поплавска на публиката повторно ѝ понуди музичко-сценско уживање во нова приказна напишана од Ристо Вртев.

Овој пат на сцената на Националната Опера и Балет (НОБ), Поплавска, заедно со својот соработник, кореограф Олга Панго поставуваат ново кабаре, наречено „Животот е…“. Во ова патешествие им се придружуваат маестралните визуелни уметници, видео дизајнерот Дејан Матиќ и дизајнерот на светло Милчо Александров, кои ја создаваат сценската магија заедно со Поплавска, Панго, балетските солисти од Националниот Балет и познатата џез-артистка Марија Димитријевиќ. Втората изведба на кабарето „Животот е…“ ќе се одржи на 25 февруари, со почеток во 20 часот, во НОБ.

Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс преку случките од некогашниот берлински „Кит Кет кабаре клуб“ мјузиклот ја следи трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез-звуците на познатите Нат Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп-звуци на пионерите на електронската музика „Крафтверк“.

Во претставата настапуваат Марија Димитријевиќ како Сали Боулс, Олга Панго (Церемонијал мајстор), Иван Вртев (Новиот церемонијал мајстор), Ендру Кук (к.г. Велика Британија; како Хелга, Боби), Дафина Данилоска – Кочевска (како Тексас), Маја Митровска Богојевска (Инге), Биби Басмаџиева – Ковачевски (Френчи), Ангела Велевска (Лулу), Ангела Богатинова (Роузи), Сарина Стојановска (Маузи – вокал), Мартина Аврамовска (Бети – вокал) и Михаела Перевска (Лили – вокал).

Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт медиа“ во соработка со Националната Опера и Балет, а поддржана е од Министерството за култура на Република Северена Македонија.

Премиерната изведба на претставата се одржа на 30 декември 2021 година. Режијата и сценската визуелизација е на Наташа Поплавска, а претставата е наменета за публика +18.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот