Временски катастрофи ги погодија Турција, Бугарија, Бразил и Кина
Две лица загинаа во Истанбул, кoга голем нанос вода се излеа по улиците, носејќи автомобили и заробувајќи луѓе во една библиотека во централното подрачје. Поплавите во некои од западните области од градот ги претворија улиците во реки, а поплавена е и метро станицата.
Препорачано
Паралелно на ова медиумите јавуваат дека уште три лица загинале, а три се водат за исчезнати во провинцијата Киркларели, недалеку од северозападната граница на Турција со Бугарија. Водата таму однела неколку куќи во градот Игнеада на брегот на Црното Море, јавува Би-би-си.
Во меѓувреме според бугарските власти, двајца мажи и една жена загинале во реонот на градот Царево. Еден од мажите загинал додека работел на куќата на неговата мајка и неговата сопруга, кои се уште се водат како исчезнати, јавуваат бугарските медиуми.
Реките се излеаја, а властите работат на евакуација на туристите од кампот во Арапја, недалеку од Царево. Во исто време јужно од тој град се урнал мост пренесуваат локалните медиуми, а пристигнала и дојава дека три лица кои во тој момент се наоѓале на мостот се исчезнати. Министерот за заштита на животната средина Јулијан Попов изјави дека Бугарија во иднина може да очекува посилни и почести врнежи поради климатските промени.
Иако далеку од Балканот, обилни дождови се забележани и во Бразил а тамошните медиуми пренесуват дека најмалку 27 лица загинаа поради дождот предизвикан од циклонот на југот на земјата. Илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, соопштија официјални лица.
Се очекуваат дополнителни поплави, а гувернерот на Рио Гранде до Сул изјави дека ова е најтешката временска катастрофа во бразилската држава, пренесува Би-би-си.
Во Мусум, град со 5.000 жители, стотици луѓе се спасени од покривите бидејќи 85 отсто од градот е поплавен, објавија локалните медиуми.
На другиот дел од земјата поточно во северна Кина, вклучително и Пекинг, се случија големи временски непогоди. Рекордните врнежи во Кина ги донесе тајфунот „Доксури“ некаде на крајот на јули. Речиси 8,9 милиони луѓе во Кина беа погодени од природни катастрофи минатиот месец, вклучително и поплави, со 168 загинати или исчезнати. Кина едвај се опорави од минатомесечните поплави, а веќе овој месец беше погодена од нови донесени токму од тајфунот „Хаикуи“, особено во јужните провинции Гуангдонг и Фуџијан, каде наврна рекордно количество дожд.


