Вредни и невредни
Одамна минато. Така некако може да се оцени обидот на поранешниот британски премиер Тони Блер и неговиот обид да стане пак релевантен на британската политичка сцена. Не дека не се грижи за тоа што се случува во неговата партија, напротив. Имаше и некои пристојни совети, ама кога кажа дека Обединетото Кралство требало да му се придружи на Трамп во војната во Иран, „ја изгуби публиката“.
Неколку убави работи. Поточно, прекрасни. Немаше кој не беше трогнат и со солзи во очите и полн со восхит и со неизмерна благодарност. Салата беше преполна, се туркаа и за стоење, на една нога. А кога сите запеавме „среќен роденден“, мислам дека кровот на Ројал Алберт хол, прекрасната сала во центарот на Лондон во која секогаш се одржуваат најдобрите и најквалитетните настани, ќе експлодираше!
Препорачано
Колку љубов, каква почит за Сер Дејвид Атенборо, најпознатиот и најсакан истражувач и заштитник на човековата околина и животинскиот свет. Пионер во создавањето природно-научни програми, инспирирајќи милиони да ја ценат, сакаат и работат на зачувување на природната околина. Тој има произведено десетици наградувани иновативни документарци и дури 50 вида, животински и растителни, се именувани во негова чест, што го отсликува неговиот несомнен придонес на зачувувањето на човековата околина. Сериите „Животот на Земјата“, „Сината Планета“ и „Планетата Земја“ се само некои од неговите наградувани програми во кои, со препознатлив и карактеристичен глас, прикажува и раскажува што сè имаме на оваа наша земја, какви убавини и реткости кои едноставно мора да се видат, заштитат и остават за следните поколенија.
Немав чест да се видам со Сер Дејвид, онака одблизу, макар што додека работев во Би-би-си и живеејќи во Лондон, видов десетици славни и познати личности од сите сфери на животот. Мислев еднаш дека го видов во еден од четирите лифтови во новата зграда на Би-би-си и трчав по скалите да стигнам до приземјето за да го видам, да се уверам дека тоа е тој и да му кажам, а не дека не знае, колку е сакан, почитуван и потребен, денес повеќе од кога и да е. Можеби затоа што ги имам гледано сите, ама буквално сите негови емисии и документарци и интервјуа, имам впечаток дека го знам, дека се знаеме од некаде, дека кога ќе се видиме и ќе му пријдам, нема да каже, не нема да каже, премногу е воспитан, ама да помисли „која е оваа што се поздравува и ме гушка како да ме знае“, и нема да ме пријави за нарушување на приватноста. Нема, знам дека нема, од моето досегашно искуство, големите луѓе секогаш се отворени, искрени и знаат да препознаат добронамерност. И морам да му кажам дека фино што го прослави неговиот стоти роденден, дека бев таму и му пеев, ама нека не се предава. Потребен е, макар и за само наредните сто.
По англиски на Трамп
Не верував некогаш дека ќе напишам колку му се воодушевував на кралот наш. Да, точно е дека не сум ројалистка и дека мислам оти кралското семејство е „реликвија од минатото“ за која нема место во 21 век. И да, точно е тоа дека пишував (и најверојатно пак ќе пишувам) за кралската привилегираност, самобендисаност и разгаленост (пари, статус и привилегии, во најголем број случаи произведуваат „подруги“ луѓе). Па не можам поинаку, самите се местат – кога некому батлерот му ги пегла весниците и врвките за чевли и му ја става пастата за заби на четкичката, не е можно, а да не го спомнуваш тоа, едноставно – не е можно. Ама со уживање го слушав говорот на кралот Чарлс Трети за време на неговата посета на Соединетите Држави по повод 250-годишнината од основањето на денес најмоќната светска сила (макар што Кина и Индија ќе се лутат, а Русија ќе гледа со завист и ќе продолжи да смислува непријатности). Кралот го кажа она што многумина тука го мислат, ама политичарите не можат, не смеат и во некои случаи не сакаат да го кажат – дека Трамп и потезите на неговата администрација заслужуваат критика, потсмев и прекор. А кој тоа подобро ќе го каже од еден Англичанец, и згора на сè, крал? Тие, Англичаните, се познати по тоа што можат да ве искритикуваат, ама подот да го избришат со вас, а вие да не чуете ниту еден лош збор. Не е тоа хипокризија, тоа е традиција и дипломатија, видена и тренирана со генерации и со векови. Па, така, во реткиот политички говор кралот му кажа Трамп дека не е точно дека Обединетото Кралство не било во сојуз со САД кога било најтешко, кога требало да се помогне, кога требало да се даде помош и поддршка во војска, во пари, во знаење. Не му кажа на Трамп дека лаже и навредува, ама „го потсети“ и него и неговите и сите во Конгресот за важноста на пријателството и на искреноста. Колку тоа допре до американскиот претседател кој е вљубеник во британското кралство, не сум сигурна. Како знак на прифаќање, Трамп откри дека мајка му била заљубена во Чарлс кога тој бил млад! Аплаузите и 13 овации во Конгресот за време на говорот на Кралот, изгледа дека сепак допреа до некои. Она што не можеше да го каже премиерот Стармер, го кажа Чарлс Трети. Со оглед на тоа што некој од владата (не знаеме кој) му ги пишува говорите на Кралот, сепак Стармер, макар и посредно, му кажа на Трамп што мисли за него. Трамп, пак, ништо не кажа за мајка му и Сер Киер.
Плусквамперфект
Одамна минато. Така некако може да се оцени обидот на поранешниот британски премиер Тони Блер и неговиот обид да стане пак релевантен на британската политичка сцена. Подготовките му беа по сите мерки на успешен пи-ар. Новинарите добија текст во 5.700 зборови непосредно пред неговиот говор. Целта, веста за покривање на настанот во најгледаните вести во 22 часот исто така беше остварена. Исто и гостувањата во утринските програми на најгледаните телевизии. Патем, тука во утринските програми не се зборува за здравствени проблеми, освен ако нема некоја актуелна епидемија и не се јавуваат разни „гледачи“, кои откако ќе ја испијат утринската терапија, се јавуваат во живо да кажат што мислат за сѐ и сешто, без оглед на фактот што и на потесното семејство, а да не зборуваме и за поширокото не им е важно и не им е гајле.
Дали Тони Блер пропушти да каже дека добро му одело да победува на избори? Не, тој тоа го кажа повеќе пати во текстот. Имаше и неколку фрази за сегашните лабуристички политичари. Стармер бил прифатлив, Вес Стритинг, поранешниот министер за здравство кој сега сака да биде лидер, имал голем политички талент, а лабуристичкиот градоначалник на Манчестер, Анди Бурнам, исто во трка за премиер, имал ретро потенцијал од дваесеттиот век (немој Блер, не ме брани, би рекол Бурнам). Но интервенцијата на поранешниот талентиран премиер, кој засекогаш ќе остане запаметен поради војната во Ирак и непостоечките оружја за масовно уништување на Садам Хусеин, предизвикаа негодување во партијата. Тој е сè помалку релевантен, беше еден од попристојните коментари за човекот кој ја напушти политиката пред 20 години и сега има имиџ на распродаден говорник за големи пари, елитист и некој кој другарува со Трамп во неговиот Одбор за мир во Газа.
Не дека Блер не се грижи за тоа што се случува во неговата партија, напротив. Имаше и некои пристојни совети, ама кога кажа дека Обединетото кралство требало да му се придружи на Трамп во војната во Иран, „ја изгуби публиката“. И покажа колку е надвор од размислувањата и чувствата, не само на својата партија, туку и на својот народ. Некои поранешни политичари, треба да одат и да продолжат да играат… голф.
(Авторката е новинарка)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


