Вреди Фото: Фејсбук

Вреди толку вредеше, ќе има ли реконструкција на Владата?

Единствениот што има дилеми, што гледа можност за соработка со ДУИ, е Таравари. Никој нема дилеми, освен Таравари, кој треба да расчисти со дилемите. Ем Вреди, ем соработка со ДУИ, тоа е неприродно, изјави лидерот на Демократското движење Изет Меџити. Таравари, пак, е дециден дека ако се раздружат, името Вреди им го остава, а тој ќе продолжи како Алијанса за Албанците.

Коалицијата Вреди ќе се обедини и како партија ќе настапи на претстојните локални избори наесен, со или без Алијанса за Албанците на Арбен Таравари. Ова е само еден од чекорите што Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими ќе ги направат за да го стеснат просторот Таравари да „продолжи да седи на две столици“ или, како што велат, да биде во Вреди и да кокетира со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Таравари ја поздрави идејата за спојување на партиите во Вреди, но порача дека Алијанса не добила таква понуда, која повеќе му личи на ултиматум, а ултиматуми не прифаќа.

На маса пред Таравари веќе е и понудата „земи или остави“ – за градоначалничките позиции за локалните избори. Тројцата лидери му даваат рок на Таравари до крајот на неделава да пресече – останува во Вреди или ја напушта коалицијата. Таравари, пак, е дециден дека ако се раздружат, името Вреди им го остава, а тој ќе продолжи како Алијанса за Албанците.

Арбен Таравари Фото: Принтскрин

Несогласувањата во Вреди кулминираа откако Таравари излезе со понуда коалицијата на изборите да оди со посебни советнички листи и да добие најголем дел од колачот за градоначалнички позиции, што не беше прифатено од Меџити, Касами и Ибрахими. Неофицијално, коментарите се дека Таравари веќе договорил настап на локалните избори со Европскиот фронт, предводен од Ахмети, и дека целата „драма“ била за да најде начин да излезе или да го исклучат од Вреди. Се шпекулира и дека новото партнерство меѓу Алијанса на Таравари и Европскиот фронт ќе се официјализира пред Денот на победата над фашизмот, односно на 7 или на 8 мај.

Вреди на изборите со една листа, штаб и програма

– Разговараме сите политички субјекти во Коалицијата да се претопат во Вреди како политичка партија што ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори. Односите со Таравари се добри и комуницираме, но сите треба да имаат предвид дека Вреди е антипод на ДУИ, односно Коалиција која победи на претходните парламентарни избори и ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот кампус. Ние работиме на таа промена докрај за тоа да го почувствуваат и граѓаните. Никој нема дилеми во Коалицијата, единствениот што има дилеми, што гледа можност за соработка со ДУИ, е Таравари, затоа него ќе го прашате, но мислам дека Вреди доби 107.000 гласови како антипод и предводник на промените во делот на албанскиот кампус. Така што, никој нема дилеми, освен Таравари, кој треба да расчисти со дилемите. Вреди и соработка со ДУИ е неприродно – дециден е Меџити.

Изет Меџити Фото: Принтскрин

Тој додаде дека ставот на сите политички субјекти во Коалицијата е на локалните избори да настапат со една листа, штаб и програма и дека веќе има иницијатива Демократско движење, Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците да се претопат во партија.

– Ставот на сите партии во Вреди е да одиме со заеднички кандидати, заеднички листи, заеднички штаб, програма и платформа, дури некаде каде што има анализа и процена, да поддржиме независен кандидат, и тоа ќе го направиме. Градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека системот за листите ги фаворизира големите и нема никаква смисла кога веќе сме кај големите да преминеме кај малите, бидејќи тоа ќе значи расцепување на гласови што ќе одат во прилог на ДУИ. Тогаш се поставува прашањето – за кого работиме? Сите политички аргументи одат во прилог да одиме со заеднички листи, а имајќи предвид дека има веќе иницијативата Вреди да се претопи во партија, нема никаква дилема дека Вреди ќе има една листа, еден штаб и една програма – рече Меџити.

Меџит: Таравари да реши, или е со Вреди или со ДУИ

Од Вреди брифираат дека допрва ќе се разговара кој ќе застане на чело на партијата. Турбуленциите во коалицијата ќе го забрзаат соединувањето во партија што претходно го најавуваа дека ќе се случи по локалните избори. Трите партии веќе му доставиле и последна понуда на Таравари за градоначалничките места. Понудата е АА на Таравари да има кандидати за градоначалници во пет општини, односно во Гостивар, Струга, Врапчиште, како и да избере една од општините Липково, Арачиново или Студеничани и една од општините Брвеница или Чашка. Според брифинзите, очекувањата на лидерската тројка се дека Таравари нема да прифати, зашто и не му е до понудата, туку дека бара начин како да ја напушти Вреди и на изборите да оди со Ахмети. Понудата за пет градоначалнички позиции е да увиди членството на АА за „игрите“ на Таравари.

Вреди Фото: Фејсбук Вреди

Од Вреди велат дека неразумна и неприродна е позицијата на Таравари да ја напушти Вреди, односно власта, и да се здружи со опозициската ДУИ кога Вреди се обедини токму поради тоа што е антипод на партијата на Ахмети и поради тоа доби поддршка од граѓаните на последните парламентарни избори. Неофицијално, за можноста Таравари да не биде дел од Вреди, веќе е разговарано со премиерот Христијан Мицкоски. Ако Таравари се одлучи за самостоен настап на изборите, лидерската тројка ќе инсистира Алијанса да излезе од Владата, а еден од аргументите е дека ќе немаат доверба во Алијанса при спроведувањето на владините политики. Според нив, не може Алијанса да биде во Влада и да кокетира со ДУИ.

– Таравари треба да биде маж и ако излезе од Вреди, треба да излезе и од Владата. До крајот на неделава тој треба да реши – или е со нас или со ДУИ. Нема да дозволиме да биде и таму и ваму – вели нашиот соговорник.

За Вреди не држи позицијата на Таравари дека ако не се договори со нив, на изборите Алијанса ќе настапи самостојно зашто печатите на АА се кај Зијадин Села. За ова, според Вреди, има две опции – или Алијанса на Таравари на изборите да оди со ДУИ или преку ДУИ судски да избоксува Апелација да пресуди дека партискиот печат ќе заврши кај Таравари.

Таравари: Немам ни информација ни понуда од Вреди за обединување

Таравари изјави дека немал информација, ни понуда дека партиите од Вреди ќе се обединат и дека последен пат за тоа зборувале во јули лани.

Арбен Таравари Фото: Фејсбук

– Ми се допаѓа идејата Самоопределување, Движењето на Меџити, Алтернатива и Беса да се спојат. Супер е тоа, нека продолжат што побрзо да се спојат. Ние, како Алијанса за Албанците, не сме добиле таква понуда од нив, но тие веќе биле усогласени. Ние имаме пет пратеници, ако се договориме, тука сме да разговараме за сите теми. Идејата е убава. Ако имаме, ќе ја разгледаме понудата, но не брзаме. Ако тие одлучиле да бидат заедно, името им го даваме, нека го задржат Вреди, ние ќе останеме како Алијанса за Албанците со нашата пратеничка група и отворени за соработка со сите – рече Таравари.

Тој ги негира информациите дека тој веќе преговарал со Ахмети и дека добил понуда за пет градоначалнички места. Понудата „земи или остави“ од Вреди што ја добиле вчера, пред состанокот на Алијанса, тој ја оцени како ултиматум.

– Со ДУИ не сум преговарал. Со Вреди ни пуштија понуда повеќе како ултиматум. Јас сакам разговори. Ние сме подготвени да разговараме со сите, пред сè, со Вреди, зашто досега сме дел од Вреди. Ако одлучат да одат без нас, и тоа е прифатливо, позитивно ја гледам идејата да се спојат – рече Таравари.

Пратеникот од Самоопределување, Беким Ќоку, преки објава на Фејсбук порача дека нема дилема дека Вреди на изборите ќе оди обединета.

– Во поновата историја можевме јасно да видиме дека партиите што тврдеа дека сами ќе излезат, всушност, секогаш носеле вода во воденицата на Али Ахмети. Самоопределување нема да поддржи ниту еден субјект кој ќе се натпреварува надвор од оваа коалиција – напиша, меѓу другото, Ќоку.

Христијан Мицкоски Фото: Принтскрин

По турбуленциите во Вреди, Меџити не исклучува можна реконструкција на Владата пред локалните избори, додека премиерот Мицкоски само кусо одговори – не. Таравари, пак, рече дека реконструкцијата зависи од премиерот.

 

Ќе ја растури ли Таравари Вреди пред локалните избори?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот