Вработен во зоолошка градина во Јапонија го фрлил телото на својата сопруга во крематориум за животни
Пoпуларна јапонска зоолошка градина го одложи почетокот на летната сезона откако еден вработен ѝ признал на полицијата дека го запалил и го фрлил телото на својата сопруга во инсинератор (крематориум за животни) во зоолошката градина. Локалните медиуми објавија дека зоолошката градина Асахијама во северниот град Асахикава требаше да ги отвори своите врати денес, пред Златната недела, серија јапонски празници, но отворањето е одложено поради полициска истрага, објавува Би-би-си.
Препорачано
Според извештаите на локалните медиуми, полицијата го пребарала теренот на зоолошката градина минатата недела, по признанието на вработениот. Овој инсинератор вообичаено се користи за спалување на мртви животни. Властите ја бараа сопругата на осомничениот вработен откако пријател го пријавил нејзиното исчезнување во полиција.
Хиросуке Имазу, градоначалникот на Асахикава, денес на прес-конференција објави дека властите се соочуваат со „невидена криза“. Властите се извинија за непријатностите и предупредија дека зоолошката градина може да биде затворена без претходна најава, во зависност од потребите на истрагата.
„Никој не можеше да го предвиди ова“, рече градоначалникот. „Чувствувам огромна вознемиреност, се соочуваме со криза од невидени размери. Се подготвуваме повторно да ве пречекаме и се надеваме дека што е можно повеќе луѓе ќе го посетат паркот“, рече тој.
Зоолошката градина Асахијама, отворена во 1967 година, е една од најпосетуваните во земјата, со повеќе од еден милион посетители годишно. Позната е по своите уникатни огради, како што се стаклени куполи и надземни кафези, кои им овозможуваат на посетителите да ги набљудуваат животните одблизу. Од 8 април беше затворена триесет дена поради одржување пред летната сезона. Градските власти објавија дека ќе остане затворена барем до задутре поради истрагата.


