Фото: Pexels

Нова студија открива: Мажите имаат најголемо либидо токму во овој период од својот живот

Широко е распространето уверувањето дека либидото опаѓа со годините. Сепак, нова студија покажува дека мажите ја достигнуваат највисоката сексуална желба околу 40-тата година од животот, со што се побива тезата дека либидото е најсилно во раната зрелост, односно во дваесеттите години, пишува „Живим“.

Научници од Универзитетот во Тарту анализирале податоци од повеќе од 67.000 возрасни лица, на возраст меѓу 20 и 80 години. Резултатите покажуваат дека машкиот сексуален апетит расте во текот на дваесеттите, го достигнува врвот во раните четириесетти и дури потоа почнува постепено да опаѓа. Кај жените, сликата е поинаква: нивната сексуална желба е најизразена во дваесеттите и раните триесетти години, по што постепено слабее, а по 50-тата година следи понагло опаѓање.

„Особено значајно е откритието дека машката сексуална желба е значително повисока од женската во поголемиот дел од возрасниот живот. Претходните студии постојано покажуваа дека мажите имаат повисоко либидо од жените, а нашите резултати нагласуваат дека оваа разлика варира во зависност од возрасната група“, наведуваат авторите во списанието „Саентифик рипортс“.

Истражувачите додаваат дека наодите кај мажите се неочекувани, бидејќи се спротивставуваат на идејата дека сексуалната желба првенствено е водена од биологијата и плодноста. Добро е документирано дека нивото на тестостерон кај мажите почнува да опаѓа од раните триесетти години, но и покрај тоа, студијата покажува дека либидото продолжува да расте уште околу една деценија.

Врвот на машкото либидо во средната животна доба укажува дека фактори надвор од биолошкото стареење, како динамиката на партнерските односи, можат да имаат поголема улога отколку што се претпоставувало. На пример, мажите во четириесеттите почесто се во стабилни долгорочни врски, кои се поврзуваат со поголема сексуална активност и емоционална интимност.

Анализата покажала и дека дури и врвот на женската сексуална желба, меѓу 20 и 30 години, е понизок од просечното ниво кај мажите во поголемиот дел од возрасниот живот. Дури по 60-тата година машкото либидо паѓа под највисоките нивоа некогаш забележани кај жените. Сепак, разликите меѓу поединците се големи, па има и жени кои пријавуваат повисока сексуална желба од мажите.

Авторите откриле и дека бисексуалните учесници пријавиле највисоко ниво на сексуална желба. Мажите во врска имаат повисоко либидо од самците, додека самохраните жени пријавуваат поголема сексуална желба од оние кои имаат партнер. Ова дополнително укажува на различното влијание на бракот и врските врз либидото кај жените и мажите.

Интересно е и тоа што испитаниците кои работеле во канцеларии или во продажба пријавиле повисоко либидо, додека возачите на машини и припадниците на војската биле меѓу оние со најниско. Задоволството од врската имало релативно мала улога: посреќните парови пријавиле само малку поголема сексуална желба. Кај жените, раѓањето повеќе деца било поврзано со понизок либидо, додека кај мажите ефектот бил обратен.

„Сексуалната желба е витална компонента на човечките односи и благосостојбата, обликувана од демографски, релациски, психолошки и културни фактори. Разбирањето на овие влијанија е клучно за унапредување на теориските модели и подобрување на клиничките интервенции“, заклучуваат научниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот