Возрасни жени поголеми криминалци од девојчиња, драстично зголемување на семејно насилство

Семејно насилство/ фото: Архива на Слободен печат

Жените во зрели години се поголеми криминалци од помладите девојчиња, но се поголеми жртви на семејно насилство. Според последната публикација „Жените и мажите во Северна Македонија, издадена од Заводот за статистика минатиот месец, жените многу помалку се занимаваат со криминални активности и многу помалку се застапени во системот на кривичната правда отколку мажите. Податоците се исти и за малолетните лица на возраст под 18 години. Во 2021 година жените претставуваат 11% проценти од лицата пријавени како сторители на кривични дела, 9% од обвинетите и исто толку осуденички за сторени кривични дела.

 

– Девојчињата сѐ уште поретко застапени во системот на кривичната правда отколку возрасните жени. Во 2021 г. девојчињата како сторителки на кривични дела се застапени со 11%, обвинети 7% и осудени се 8%. Од вкупно 7.634 осудени полнолетни лица за кривични дела, жените се застапени со само 9% наспроти 91% мажи- стои во публикацијата.
Жените се најмалку застапени како сторителки на кривично дело убиство.

 

Жените се повнимателни возачи и значително помалку ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот од мажите, односно 7% жени наспроти 93% мажи кои биле осудени за извршување на ова кривично дело во 2021. Само 3% од вкупниот број осудени за тешки кражби се жени.

Статистиките за пријавени случаи на кривични дела, прекршоци и поплаки во врска со семејното насилство ги собира Министерството за внатрешни работи според кривични дела казниви со Кривичниот законик и прекршочни дела казниви по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Дополнително, МВР собира податоци за поплаки кои можат да бидат за физичко, психичко и економско малтретирање.

– Вкупниот процент на мажи сторители на кривични дела во врска со семејно насилство за трите анализирани години изнесува 91% наспроти 9% жени сторители. Најголем број од сторителите на кривични дела се сопрузи на жртвите, по што следат синовите на жртвите и останати машки сторители. Најголем дел од жртвите на кривични дела се жени, најчесто сопруги на сторителите – стои во објавените податоци.

Според бројот на регистрирани прекршоци во врска со семејно насилство, најчесто прекршочно дело е физички напад, по што следи малтретирање на друг во стан. Мажите се повторно позастапени како сторители со 84%, додека пак меѓу жртвите се речиси подеднакво застапени и мажите и жените. Во 2022 година бројот на поплаки во врска со семејно насилство е нагло пораснат. Најголем број поплаки се однесуваат на случаи на психолошко малтретирање при вршење семејно насилство, односно 84% од поплаките. Повторно најголем дел од сторителите се мажи, односно околу 82%, додека 66% од жртвите се жени, најчесто сопруги на сторителите.

 

Жените поголеми сајбер криминаци од мажите

Жените стануваат се поголеми сајбер криминаци од мажите, покажува студијата на компанијата за кибер безбедност Тренд Микро. Според неа жените играат подеднакво значајна улога во кибер подземјето. Според објавените податоците околу 30% од учесниците на форуми кои се собиралиште на кибер криминалците се жени. Полот е релативно неважен во заедниците на кибер криминалот, веројатно поради анонимноста што ја тој ја овозможува и побарува.

 

Тренд Микро забележа промена во економијата на компјутерскиот криминал во однос на родовата инклузивност. Споредувајќи ја сегашната ситуација со претходната, Тренд Микро вели дека дискусиите на форумите порано биле помалку прифатени од оние кои се идентификувале како жени. Меѓутоа, во последниве години полот стана помалку важен кога се „води бизнис“ во оваа заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот