Вотка, санкции и апчиња за слабеење: Како Америка преку Лукашенко го тестира патот до Путин
Американската администрација го гледа Лукашенко како посредник меѓу САД и Владимир Путин, со надеж дека демонстрирањето конкретни придобивки од соработката ќе влијае врз позицијата на Москва.
Соединетите Американски Држави воделе тајни преговори со белорускиот претседател Александар Лукашенко, нудејќи олеснување на санкциите во замена за ослободување на политички затвореници, објави „Волстрит џурнал“. Според весникот, разговорите биле дел од поширока стратегија на администрацијата на Доналд Трамп за тестирање модел на стимулации што потенцијално би ѝ бил понуден и на Русија со цел завршување на војната во Украина.
Препорачано
Преговорите ги предводел Џон П. Коул, адвокат и близок соработник на Трамп, кој неколкупати се сретнал со Лукашенко во Минск. Средбите се одржувале во неформална атмосфера, често за време на долги вечери, „придружени со вотка“, а фокусот бил на ублажување на санкциите за клучни белоруски индустрии во замена за ослободување затвореници.
По враќањето на Трамп во Белата куќа, Белорусија ослободила над 250 затвореници од повеќе од 10 земји, меѓу кои и најмалку петмина американски државјани. Како дел од договорот, Вашингтон ги укина санкциите за извоз на белоруски калиум хлорид и ги олесни ограничувањата за државната авиокомпанија „Белавија“, вклучително и пристап до софтвер и резервни делови од „Боинг“.
Лек за слабеење како дипломатски адут
Особено внимание привлече и необичната епизода со лекот за слабеење „Зепбаунд“, откако Лукашенко за време на една вечера се заинтересирал за неговото дејство.
– За време на вечера, Лукашенко наводно го прашал Коул дали ослабел. Коул го припишал тоа на „Зепбаунд“ и му предал на белорускиот лидер брошура од производителот – пишува весникот.
Иако не бил постигнат формален договор, американските претставници наводно разгледувале можност за негова испорака, што според весникот ја покажува улогата на личните односи во оваа форма на дипломатија.
Американската администрација го гледа Лукашенко како посредник кон Владимир Путин, со надеж дека демонстрирањето конкретни придобивки од соработката ќе влијае врз позицијата на Москва. Сепак, ваквиот пристап предизвика остри реакции кај европските сојузници и белоруската опозиција, кои предупредуваат дека се легитимира репресивен режим и „дипломатија со заложници“.
И покрај критиките, Вашингтон смета дека ослободувањето на стотици затвореници и отворањето комуникациски канали со Русија го оправдуваат овој неконвенционален дипломатски пристап.


